Чупиќ се отвори: Ќе биде тешко, да бидеме реални, она што ни следува..

8

Иван Чупиќ е веројатно најважната алка во тимот на Вардар во овој момент, а несомнено тоа беше и во минатото. Хрватот беше клучен за победничките голови со кои Вардар ги освои двете шампионски титули во ЛШ.

Годинава Вардар со далеку послаб состав ќе пристапи на натпреварите во домашното првенство и во Европа, а за тоа зборуваше Иван Чупиќ за хрватскиот медиум „Спортске новости“.

„Лоши сме, но имаме потенцијал да бидеме добра екипа, има тука младина, одлично тренираме, но велам, треба да се биде реален и реално да се види ситуацијата. На надворешната линија го имаме Вујин, кој нема играно три години, Векиќ кој во Загреб не го минуваше центарот, Талески кој во Германија беше само резерва во Левен, Кристијан Дисингер кој пет месеци немаше одиграно ниту еден натпревар, Гаџа и Јотиќ кои сега имаат лидерски улоги. И потоа ни се случува да го немаме Стоилов, Тимур да живее од две топки на натпревар, доколку ги добие, па бевме и без Георгиевски кој имаше некој полесен вирус и ете накратко тоа се проблемите кои ги имаме“.

Но Чупиќ е оптимист дека ситуацијата може да се поправи;

„Зборувам со Карачиќ и ми вели дека да се игра во Полска и во Вардар е голема разлика, и дека се уште не се стабилизирал целосно таму. Е сега, кога на такви играчи им е тешко, може да замислите како им е на помладите или било кој друг играч кој претходно не настапувал редовно. Ќе биде тешка сезоната сигурно, и во Македонија и во Европа. Мислам дека целта сега ни е поразлична од претходно, сега треба прво да ја поминеме групата во ЛШ, да се избориме за Ф4 во СЕХА (што го сторивме) а во Македонија ќе има борба со Пелистер и Металург кои се подигнаа на едно квалитетно ниво. Мислам дека до пролет ќе имаме појасна слика на што сме, па да седнеме и видиме што и како понатаму. Дотогаш ќе биде топло-ладно“, тврди Иван Чупиќ.