Шведската Влада денеска го презентираше предлог-законот со кој сака да ги заостри законските прописи против тероризмот, што се смета за сигнал за Турција во контекст на пристапувањето во НАТО.
Членството во терористичка организација или нејзиното финансирање според новите одредби ќе се казнува со неколку години затвор.
Министерот за правда Гунар Штромер рече дека со тоа ќе се затворат дупките во постоечките закони. Шведскиот Парламент допрва треба да ги усвои мерките, кои треба да стапат на сила на 1 јуни.
Законите за борба против тероризмот се подготвуваат со години, а тоа што предлог-законот се презентира сега, се смета за сигнал за Турција во контекст на преговорите за пристапување во НАТО.
Премиерот Улф Кристерсон го опиша нацрт-законот како важен чекор кон исполнување на обврските на Шведска од договорот со Турција и Финска од јуни минатата година.
Со нив се сака да се олесни влезот на двете земји во НАТО, но Турција тоа сè уште го блокира.
Турција и Унгарија се единствените членки на НАТО кои сè уште треба да ги ратификуваат протоколите за пристапување на двете земји во НАТО.
Двете земји поднесоа барање за влез во НАТО минатиот мај поради руската инвазија на Украина. Меѓутоа, Турција има приговори. Анкара првенствено е загрижена за мерките против забранетата Курдска работничка партија (ПКК), која ја смета за терористичка организација.
Анкара се повлече од преговорите откако во јануари на протест во Стокхолм беше запален Куранот.