Шеикот од Дубаи наредил киднапирање и мачење на своите две ќерки бегалки и ѝ се заканувал на сопругата

6

Владетелот на Дубаи наредил киднапирање и мачење на своите две ќерки бегалки, од кои едната била киднапирана во Велика Британија, а сопругата ја заплашувал и ѝ се заканувал, пренесува „Дејли мејл“.

Високиот суд соопшти дека милијардерот шеик Мохамед бин Рашид ал-Мактум, инаку пријател на кралицата Елизабета Втора, ја киднапирал ќерката, принцезата Шемса од Кембриџ, по нејзиното бегање во 2000 година.

Тој исто така наредил командоси да ја киднапираат сестра ѝ, принцезата Латифа, од јахта во 2018 година, додека се обидувала да избега од Дубаи.

Татко им, еден од најважните сојузници на Велика Британија на Блискиот Исток, е прогласен за одговорен за двете застрашувачки киднапирања.

Ниту една од принцезите не е видена во последно време и тие наводно се заклучени во палатата на татко им, додаде судот.

Ендру Мекфарлејн, претседател на семејната дивизија, ги објави своите откритија по 10-месечниот случај, кој почна минатата година кога најмладата сопруга на шеикот, принцезата Хаја Бинт ал-Хусеин (45), избегала од Дубаи плашејќи се за својот живот.

Шеикот Мактум, еден од најбогатите мажи во светот, чие богатство се проценува на девет милијарди долари, водеше застрашувачка кампања за малтретирање на сопругата, пренесува „Дејли мејл“.

Принцезата избега во Лондон со ќерката Џалила (12) и синот Зајед (8).

Судот дозна дека поради заканите, таа се плашела за својот живот и за животот на своите деца за кои стравувала дека може да бидат киднапирани и присилно вратени во Дубаи.