Шекеринска во Дебар: Како што можевме во НАТО, можеме и во ЕУ

17

Како што можевме да станеме членка на НАТО, ве уверувам дека овој тим, оваа група на луѓе ќе ја внесат државата и во Европската Унија (ЕУ). Се можеме да постигнеме, ако темелите се сигурни, а ќе бидат сигурни со сигурни луѓе на власт. Гласајте за сигурност и сигурни решенија, за луѓе кои ги решаваа и решаваат проблемите. На 15 јули можеме и повеќе и подобро, порача Радмила Шекеринска на синоќешната граѓанска трибина на коалицијата „Можеме“ во Дебар.

„Ама во Дебар не ни треба само победа, во Дебар ни треба огромна победа. Во Дебар и во петка треба да покажеме дека оваа држава може и подобро и повеќе ако продолжи на зацртаниот пат“, посочи таа.

Шекеринска зборуваше за поделбите кои ги нуди ВМРО-ДПМНЕ наспроти слогата и заедништвото кои ги нуди СДСМ.

„Ни одржавте лекција тогаш кога некои се обидоа да го запалат национализмот низ цела држава. Вие покажавте мудрост, разумност и гледање напред. Ни одржавте лекција и тогаш кога најтешката светска епидемија удри по нас. Вие бевте први на удар, се покажавте најсилни, се покажавте најеснаф, се покажавте најсолидарни. Дебар е пример колку оваа наша држава може да биде посилна ако биде посплотена, може да биде посилна ако ги прифаќа сите и ако има срце отворено за сите“, рече Шекеринска.

Посочи дека во изминатите две и пол години е „ставен темел на модерна држава, но можеме уште повеќе и подобро“.

„Среќни сме кога го гледаме резултатот од таа наша работа. Тоа нè исполнува. Ништо од тоа што се случи не падна од небо, ништо не ни го подарија. Се измачивме својски. Ама кога работите со душа и со срце и кога знаете дека тоа е исправно, ништо не е тешко. Овие две и пол години реално удиравме темели на една подобра куќа на сите нас и знаете дека таа куќа не се гради ниту за една ниту за две години, ако не ставиме цврсти темели џабе ќе биде сето друго“, рече таа.

Како темели, таа наведе два за кои рече дека се поставени длабоко, силни се и подеднакво важни.

„Еден од нив е членството во НАТО за да не се плашиме, за да не ни пишуваат црни сценарија, за да не се секираме за граници, за иднина, за непријатели. Сега сме заедно со најмоќните во светот. Таа стабилност нема цена и нема алтернатива. Вториот темел кој го вградивме во нашата куќа се преговорите со ЕУ, истакна Шекеринска.

Таа зборуваше и за сработеното во изминатите две и пол години и она што ќе биде сработено во наредните четири.

„Од корен го сменивме лицето на нашата земја. Отворивме 64.000 работни места, интензивно градиме и реконструираме и парите ги враќаме назад кај граѓаните. Предвидуваме 65.000 деца да ги обезбедиме со детска помош, 35.000 семејства да ги обезбедиме со дополнителна социјална поддршка. Во наредните четири години сакаме да изградиме 260 километри автопатишта, 300 километри експресни патишта и 950 километри локални патишта за да стигнуваме побрзо, за да бидеме поповрзани. Сакаме да инвестираме и во екологија и во туризам и во економија“, рече таа.

Пред дебрани Шекеринска рече дека целата влада беше и останува фокусирана на санирање на штетите што произлегоа од корона-кризата.

„Се трудевме парите да не седат во Скопје, да ги пуштиме меѓу граѓаните. Во екот на најголемата корона-криза, само во овој период, околу 10 милиони евра ги пуштивме во регионот и ги дадовме на фирми да не отпуштаат вработени. Над 300.000 граѓани користат кредитни картички со кои можат да купат храна, облека и да ги платат основните работи. Единствен услов е тоа да биде од наше домашно производство за да им помогнеме и на тие што купуваат и на тие што произведуваат“, истакна Шекеринска.