Шефот на унгарската диломатија, на свое барање, утре доаѓа во Скопје

Петер Сијатро ќе им предаде и донација на македонските власти, а предвидена е и заедничка прес-конференција со Димитров

9

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијатро утре, на негова иницијатива, ќе оствари работна посета на Македонија, соопштуваат од македонското МНР.

Сијатро ќе има средба со македонскиот колега Никола Димитров, како и со други високи државни претставници. Најавена е и заедничка прес-конференција на двајцата министри, која ќе биде по електронски пат за новинарите.

Ова е единствена досега посета на претставник на друга држава на земјава од почетокот на кризата со коронавирусот во земјава, но и на ниво на европскиот континент. Во изминатиот период, билатералните разговори и меѓународни конференции, главно, се остваруваа преку видеоврска.

Како што се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, главна тема во разговорите со Сијарто ќе биде соработката во справувањето со глобалната пандемија со ковид-19. Во тој контекст, како што соопштуваат од МНР, со унгарската донација, ќе пристигне и конкретна помош за Северна Македонија.

За време на средбата, како што наведуваат од МНР, ќе бидат разменети информации за натамошните чекори во европската агенда на земјава, по добивањето на позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за почнување на пристапните преговори. Ќе бидат разгледани и билатералните односи, можностите за нивно понатамошно унапредување, како и продлабочување на соработката и солидарноста меѓу двете земји, но и во рамки на ЕУ.