Шкотска веќе ја најавува разделбата и споменува независност

5

Шкотската премиерка, Никола Стерџон, неколку часа пред Брегзитот да стапи на сила, говореше за можноста за нов „развод“, овој пат помеѓу Шкотска и остатокот од Велика Британија.

Велика Британија од полноќ, официјално, три и пол години по историскиот референдум и макотрпните преговори, ја напушти Европската унија, чиј дел беше скоро пет децении. Сега, сè повеќе се споменува нов референдум, и тоа оној, на кој Шкотите би гласале за напуштање на Велика Британија.

Шкотската премиерка, Никола Стерџон, неколку часа пред Брегзитот да стапи на сила, говореше за можноста за нов „развод“, овој пат помеѓу Шкотска и остатокот од Велика Британија.

Таа рече дека Брегзит е значаен момент за Велика Британија и за Шкотска.

– Велика Британија вечерва ќе ја напушти Европската унија. Тоа ќе биде момент на вистинска и длабока тага за многумина од нас ширум Велика Британија. А овде во Шкотска, со оглед на тоа што Брегзит се случува против волјата на огромното мнозинство од нас, тагата ќе биде опфатена од гнев. Статус „кво“ за кое гласаа мнозинството, повеќе нема да постои. Последиците ќе бидат значајни, дури и ако не се почувствуваат веднаш – рече таа во очи одбројувањето за излез на Велика Британија од Унијата.

Стерџон, пред членовите на нејзината партија- Шкотската национална партија (СНП), рече дека е време Шкотска да одлучи за својата иднина.

– Треба да се фокусираме на различна и подобра иднина за Шкотска. Иднина во која нашиот пат како земја го одредуваат оние кои најмногу се грижат за интересите на Шкотска – сите ние што живееме овде. Иднина каде што не треба да избираме помеѓу односите со најблиските пријатели на британските острови и нашите врски со Европа – туку наместо тоа, можеме да ги градиме и негуваме и двете. Иднина во која нашиот парламент и владата – кои се одговорни за луѓето од Шкотска – се одговорни за одлуките и меѓународните партнерства кои ги обликуваат нашите насоки и нашата судбина. Иднина каде ќе продолжиме да бидеме отворено место за живеење, учење и работа. И почитуван член на европското семејство на нации. По оваа вечер, таа иднина е можна за нас само доколку сме независни – рече Стерџон. Таа истакна дека поради Брегзит, Шкотска ќе има проблеми со економијата и работната сила, меѓу другото, затоа што помалку луѓе од ЕУ ќе доаѓаат да живеат и работат во шкотските градови.