Шредер го поддржа Шолц за неодобрувањето на испораката на ракетите „Таурус“ во Украина

0

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер го поддржа  канцеларот Олаф Шолц во  ставот да не се испорачуваат крстосувачките ракети „Таурус“ во Украина и неговото фундаментално отфрлање на распоредувањето на копнени трупи, јави ДПА.

-Мислам дека Олаф Шолц го прави тоа што во моментов би го очекувал од германскиот канцелар, изјави за ДПА поранешниот лидер на Социјалдемократите (СПД), која е и партијата на Шолц.

Шредер, кој беше канцелар од 1998 до 2005 година, повика на создавање француско-германска иницијатива за преговори за решение на конфликтот во Украина.

Шолц постојано зборува против испораката на крстосувачки ракети со долг дострел во Украина, и покрај молбите од Киев, објаснувајќи дека тоа има потенцијал да го ескалира конфликтот и да ја вовлече Германија во војна.

Конзервативниот опозициски блок на Демохристијаните (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) ги искористија коментарите на поранешниот канцелар за да го повикаат Шолц да го промени својот став за прашањето за „Таурус“.

-Тоа што е пофален од Герхард Шредер јасно покажува дека тој е на погрешен пат, рече лидерот на ЦСУ, Маркус Зодер.

Членот на претседателството на ЦДУ, Јенс Шпан, изјави : „Ако имате пријатели и поддржувачи како поранешниот канцелар и пријател на Путин Герхард Шредер, навистина не ви требаат повеќе политички непријатели“.