Што се случува со рускиот конвој? Беше блиску до Киев, а потоа само застана

93

Многу руски сили што ја напаѓаат Украина буквално останале без гас и имаат проблеми да ги хранат своите војници, изјави висок претставник на американската одбрана.

Руските сили во Украина продолжуваат да се соочуваат со логистички проблеми, вклучително и недостиг на храна и гориво, а конвојот виден на пат кон Киев се чини дека значително не се доближил до главниот град на Украина во изминатите два дена, изјави неименуван претставник на американската одбрана во Пентагон.

„Во многу случаи она што го гледаме се колони во кои буквално имаше недостиг од бензин, а како што реков претходно, сега останува без храна за нивните војници“, рече тој.

Украинската армија даде силен отпор северно од Киев, додаде официјалниот претставник, додавајќи дека спорадично се евидентирани обиди за гранатирање на конвојот.

Според „Њујорк тајмс“, функционерот инсистирал на анонимност бидејќи не е овластен да зборува јавно.

Тој додаде дека руското воено раководство станало многу поагресивно во гаѓањето на цивилната инфраструктура, вклучително и ракетниот напад врз телевизиската кула во Киев во понеделникот, во кој загинаа неколку луѓе.

Големиот конвој запре на речиси 28 километри северно од Киев и вклучува тенкови, оклопни возила, артилерија и резерви, според извештајот на НПР од вторникот.

Американската војска верува дека украинската војска продолжува да дава отпор и дека руските сили што ги нападнаа Чернигов, Харков и Киев не постигнале значителен напредок од вторникот, нагласи функционерот.

Меѓутоа, руските трупи во јужна Украина успеаја да напредуваат кон Херсон за кој се верува дека сега е во руски раце.