Што содржи бугарскиот Анекс на договорот

38

Иако нема детали за тоа што точно содржи анексот од 12 точки што Бугарија го доставила до македонската страна, очигледно е дека во него нема ништо ново што би значело омекнување на бугарските позиции во однос на македонскиот пат кон ЕУ. Тоа е видливо веднаш во изјавата на Каракачанов во која ги повторува старите услови како што е признавање на бугарското потекло на македонскиот јазик, дискутабилност на создавањето на македонската нација, па откажување од наводните територијални претензии, откажување од историски претензии, промена на образовниот систем, прекинување на говорот на омраза, отстранување на спомениците од втората светска војна и т.н., пишува Плус Инфо.

Тоа се веќе седум од 12, за кои говори Каракачанов, значи станува збор за стари барања стокнеи во нов Анекс на Договорот.

Повеќе од јасно е дека со овој Анекс на Договорот од 2017 Бугарија само дипломатски го возвраќа ударот на „Нон пејперот“ што Македонија му го врачи на премиерот Борисов. Оттаму размената на документи е само продолжување на дипломатската битка меѓу двете земји пред меѓународната заедница пред која двете страни сакаат да се прикажат како кооперативни и да придобијат што е можно повеќе позитивни поени и наклоност не само меѓу членките на ЕУ но и пред новата администрација на САД.

Со други зборови влегуваме во дипломатска војна слична како онаа со Грција, од која ниту можеш да излезеш, ниту да победиш, а да гледаш да не загубиш- многу.

Бугарија иако е членка на ЕУ, дипломатски засега ја изгуби битката со Македонија. Таа ја нема целосно подршката на сите останати земји на Унијата и затоа мора да бара начини за подобро позиционирање во периодот на португалското претседавање со Унијата, а уште повеќе пред Словенечкото потоа, ако се има предвид дека Словенија е една од првите ментори на Македонија на патот кон ЕУ.

Блокирањето на усвојувањето на заклучоците за проширување што Германија го срочи по налог на Бугарија од страна на Чешка, Словачка и Австрија, ја понижи Бугарија иако го усложни целиот процес на проширување и на некој начин го успори, затоа што ќе треба нов текст кој ќе биде прифатен од сите члнеки на ЕУ. Тоа нема да биде лесна и брза постапка, особено ако се има предвид дека барем првично на Португалија проширувањето не и е приоритет.

Оттаму изјавата на Каракачанов дека „Северна Македонија има шанси да го добие датумот за преговори следниот месец или дури овој месец Јануари ако го потпишат анексот на Договорот“ кој тие го предлагаат, е само празно ламентирање за домашни потреби.

Она што е јасно е дека Бугарија со Анексот, се повлекува од Договорот за добрососедство на кој се повикува пред меѓународната јавност, и на кој толку упорно инсистираше министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

Тоа може да биде аргумент повеќе на македонската дипломатија за засилување на позициите на принципиелност на почитување на договореното. Всушност токму македонската страна треба да инсистира на целосно спроведување на Договорот од 2017 тата.

Но доколку овој Анекс се прифати како „Протокол“ како што сметаат некои експерти кој би се ратификувал во Собранието, ќе биде „легализација“ на унилатералните амандмани што Бугарија ги достави кон текстот на преговарачката рамка и на нивните барања на кој подоцна Бугарија ќе се повикува како на меѓународен акт признат и од македонска страна.

Засега такви најави од македонска страна нема, но Македонската опозиција уште однапред предупредува дека Анексот бил распродавање на македонските национални интереси.