Што треба да исполнат фирмите за да добијат минималец за работник
Првата мерка што ја промовира премиерот Спасовски се однесува на компаниите од приватниот сектор. Државата ќе помогне со најмногу 14.500 денари за исплата на нето-платите во април и мај, месечно по работник, согласно ефективните часови поминати на работа.
„Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат трошоците за плати“, рече Спасовски.
За таа цел ќе се формира посебен државен фонд, а работодавачите самостојно ќе ја исплаќаат платата преку УЈП, односно преку алатката пресметка за интегрирана наплата.
Работодавачите кои ќе побараат да ја користат оваа мерка не смеат да им исплаќаат дивиденди на сопствениците, како и годишни награди и бонуси и во посочениот период треба да имаат најмалку 30 проценти намалување на приходите споредено со просекот од минатата година, или сезонскиот просек за оние кои вршат сезонска дејност.
Финансиската поддршка не се однесува на работници кои во последните четири месеци имале плата повисока од 39 илјади денари. Работодавачите имаат обврска да го задржат истиот број вработени до септември.
Фирмите кои имаат загуба во 2020 немат обврска да ја вратат помошта, а другите ќе треба да вратат до 50 проценти. Оваа мерка ги опфаќа и медиумите, а дополнително и занаетчиите. Другата опција за помош на приватните фирми е субвенционирање на 50 проценти од придонесите за работниците.