Ѓилас: Опозицијата бара Пржински договор како во Македонија, прилагоден на српски начин

24

Драган Ѓилас, претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП) и еден од водечките лидери во опозиционата коалиција Сојуз за Србија (СзС) во која, покрај неговата партија се и Двери на Бошко Обрадовиќ, Демократската партија (ДС) на Зоран Лутовац, Нова партија (НС) на Вук Јеремиќ и други, во интервјуто за МИА, направено пред влезот на РТС за време на вчерашната блокада на Радио телевизија Србија (РТС) од страна на СзС поради незадоволство од информирањето на јавниот сервис, истакна дека опозицијата во Србија бара Пржински договор како во Северна Македонија, прилагоден на српски начин.

Дали има поврзаност меѓу денешната блокада на РТС со вчерашните разговори со посредниците од Европскиот парламент во дијалалогот со власта за изборните услови, после кои СзС изјави дека за опозицијата е завршена илузијата за можното учество на изборите и нивен дефинитивен бојкот?

Не е до толку поврзано, но е логичен ред на настаните. Што се однесува до СзС ние нашата одлука ја донесовме уште во септември, дека нa вакви избори нема да учествуваме. Таа одлука и ја предочивме на народот, ние од тоа нема да се откажеме. Не бараме ние нешто преголемо, ние бараме Пржински договор на српски начин, ништо друго. За да има ситуација со која можете да дојдете до фер и чесни избори. При тоа сме свесни дека оној кој беше на власт седум години е секогаш во предност на тие избори, но важно е да се направи систем. Како што сега Северна Македонија има нови избори по истиот систем, значи едноставно политичкиот живот се врати во нормала. Мислам дека без тоа ниту Србија не може да тргне напред. Тоа го зборуваме со луѓето од Европа, веруваме дека тие навистина сакаат добро, дека сакаат да помогнат, дека сакаат ова да се стабилизира и веруваме дека на крај ќе дојдеме до тоа.

Запознаени сте со француската блокада за Северна Македонија за отворање на преговорите со Европската Унија. Дали српската опозиција и Србија има каква било подршка од ЕУ?

Она што и се случи на Македонија за започнување на преговорите е страшен удар за сите оние кои донесоа тешки одлуки, кои сфаќаат дека иднината и подобриот живот на граѓаните на Македонија зависи од тоа да бидат дел од Европа, да бидат навистина полноправна членка на Европа. Истото важи и за Србија. Ние, кои 30 години се бориме за тоа, кои живееме на Западен Балкан имаме малку „горчлив вкус” во устите околку сето тоа. Јас бев во Брисел пред два дена во Европскиот парламент и ги прашав дали ова е Парламент на цела Европа, бидејќи така се вика, тие кажаа да и јас им реков па добро и што се Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, дали ние живееме во Азија, на Марс, а зошто ние немаме претставници во Европскиот парламент? Добро не мора за се да гласаат, но да се слушне гласот на овие народи, дали Вие не сакате нас или воопшто не не сакате во таа приказна? Мислам дека годините кои доаѓаат ќе ни ги разјаснат тие работи. Едноставно во овој период во Србија има една специфична ситуација поради Косово. Александар Вучиќ го прифати Бриселскиот договор, очигледно ветил некои работи дека тоа ќе го заврши, а ние денес, седум години подоцна имаме полоши односи со Албанците, отколку што имавме во тоа време, Имаме лоши односи со сите во регионот. Пред седум години претседателите на Хрватска и Србија пиеа кафе и гледаа натпревар во кафуле во Загреб, денес тоа е незамисливо.

Дали прогласениот бојкот на изборите е вистински начин за решавање на барањата на опозицијата, а со тоа и на политичката криза во Србија?

Ниту една партија не постои за да ги бојкотира изборите, таа постои за да учествува на нив и да победи на нив. Ние стоиме пред зградата која е таква што ниедна од работите кои се појавија во последната година не ги пренесе. Околу 80 проценти од граѓаните на Србија не знаат за аферата на продажба на оружје во која е вмешан таткото на министерот за внатрешни работи и тој самиот. Не знае дека е најдено четири тони дрога на неколку километри од Белград. Не знаат дека си заминуваат 50.000 луѓе од Србија секоја година. Не знаат за случаите на сексуално малтретирање на жените од страна на раководството на ССМ, дека е запалена куќата на новинарот што работеше кај претседателот на општината. Немаат можност да доаѓаат луѓе професори, да доаѓаат судии, да доаѓаат луѓе од културата и да го кажат своето мислење. Ние тоа го бараме, да се отвори оваа врата овде и тие луѓе да може да влезат низ таа врата. Луѓе, за тоа мора да се зборува. Оваа фирма имаше поддршка од целата држава за да се развие, истакна Ѓилас, пред зградата на РТС.

Јас ќе изнесам неколку податоци, само за да знаете за што зборуваме ние. Од 15 јули до 14 август Александар Вучиќ се појави 793 пати на телевизијата со национална фреквенција, во емисија од еден час траење, прес-конференција, изјава. Се појавува 26,4 отсто дневно, ние нула. На четири приватни телевизии со национална фреквенција, четири години од последните избори, сите опозициски лидери не се појавија ниту еднаш – нула. За што зборуваме ние? За какви избори зборуваме? Како луѓето да чујат за нас? Што да направам, да појдам на врата и да кажам добар ден – добар ден, јас сум Драган Ѓилас и знам дека за мене сте чуле дека сум украл 600 милиони евра, дека сум нарко-дилер, дека ги тепам жената и децата, дека сум го дал Косово, дека сум ја одвоил Црна Гора. Како јас да објаснам дека не е така. Па тешко ќе мине тоа. Ќе ми требаат 100 години да поминам 20 отсто од Србија. Значи, не може. Треба да се намали притисокот врз медиумите, луѓето во Србија треба слободно да гласаат и да се види на избори за кој гласа народот.