Ѓоковиќ стана третиот малер кој имал три гренслема во иста година, а паднал во финале на четвртиот

8

Уште долго, Новак Ѓоковиќ нема да може да си прости што не успеа во иста календарска година да ги освои сите четири гренслема и да стане третиот маж во историјата на тенисот на кој ова му тргнало од рака. Ноле испушти прилика и да стане најуспешен тенисер во историјата по бројот на гренслем-титули, но тоа може да го оствари и во јануари, во Мелбурн, на Отвореното првенство на Австралија, а календарски гренслем беше нешто што тешко дека ќе добие нова прилика да го направи.

Покојниот Дон Баџ во далечната 1938 година стана првиот тенисер кој успеа да ги освои сите четири гренслем-титули во иста година, а тој подвиг го повтори само уште Род Лејвер, кој беше присутен во Њујорк и го гледаше финалето помеѓу Медведев и Ѓоковиќ. Легендата Лејвер двапати успеа да направи календарски гренслем, во 1962 и 1969 година.

Наместо да стане третиот кој успеал да ги освои четирите гренслем-титули во иста година, Ѓоковиќ стана третиот во историјата кој ги освоил првите три гренслема во годината, а загубил во финале на четвртиот, на Отвореното првенство на САД. Иста судбина имале и Австралијците Џек Крафорд во 1933 и Лу Хоуд во 1956 година.