Јалдз Веапоска за „Слободен печат“: Лекарска комора да ми каже каде точно се моите извадени матка, бубрег и јајник!

65

Медицинската сестра Јалдз Веапоска, која по породувањето во струшката болница, излезе од салата со извадени матка, бубрег и јајник е разочарана што Лекарската комора не пронашла лекарска грешка за нејзиниот третман во болницата.

Таа за „Слободен печат“ изјави дека тоа што и се случило на неа, не му се прави на куче, а не пак на човек.

-Јас не го прифаќам ова. Како е можно Лекарската комора кажа дека нема да се знае комисијата која ќе постапува во случајот, ниту јавноста ниту докторот нема да знае кој ќе одлучува. А директорот знае кои се лекарите од Лекарската комора. Биле во болница во Струга, еден гинеколог, еден анестезиолог и еден хирург. Биле таму, па со директорот од мои извори дознавам дека заминале на ручек. Како е можно?, вели Веапоска за „Слободен печат“.

Таа не знае ниту каде се нејзините органи во моментов.

-Сакам Лекарската комора да излезе јавно и медицински да го образложи ова, не ваделе заб туку органи. Ако немало лекарски пропуст, кај се органите и зошто ми беа извадени? Нека кажат каде се за да ги земам и да ги однесам на Судска медицина тука или надвор од Македонија, бара пациентката.

Лекарската комора го известила Министерството за здравство дека по направениот увид во медицинската документација и разговорот со медицинскиот тим од ЈЗУ ОБ Струга, кои учествувале во третмaнот на лекување на пациентката Ј.В., Комисијата констатира дека пациентката е соодветно примена и адекватно предоперативно подготвена за елективно завршување на бременоста.

„Не се евидентирани пропусти при оперативното завршување на породувањето и во текот на постоперативно следење и менаџмент на пациентката. Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пацинетката во услови на живото-загрозувачка состојба. По направениот увид во медицинската документација и разговорот со медицинскиот тим од ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ Скопје кои учествувале во третманот и лекувањето на пациентката констатираа дека: Од моментот на приемот до моментот на исписот таа е третирана согласно постоечките медицински норми и стандарди. Сите преземени мерки се во насока на стабилизација и подобрување на здравствената состојба на пациентката. Според горенаведеното ЛК на РСМ не констатирала лекарски пропусти и грешки во третманот на пациентката Ј.В“ велат од МЗ за „Слободен печат“.

За дивата ординација што директорот на струшката болница Мухамед Асани ја имал дома, има постапка пред Јавното Обвинителство.