Јанева дома го прослави Велигден

1

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева велигденските празници ги поминала во домашна атмосфера. Таа за време на викендот објавуваше фотографии на својот фејсбук профил, а “Фокус” доби потврда дека таа добила дозвола за излез од затворот “Идризово”, каде што ја издржува 7-годишната казна за “Рекет”.

Адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, ни изјави дека Јанева има право да користи викенди, па затоа и деновиве добила дозвола да излезе од затворот.

Покрај фотографијата, Јанева објави и неколку цитати, од кои еден гласи:

“Од дното се креваат само храбрите, не е тоа работа за слабите”!

Поранешната специјална обвинителка на слобода ја дочека и новогодишната ноќ. Привелегијата за повремен излез се добива по одлежани 1/3 од казната. Таа зад решетки влезе минатото лето, а во казната се засметува и времето кое го помина во притвор.

За случајот „Рекет“ Бојан Јовановски беше осуден на 9 години затвор, а Јанева на 7 години затвор. Боки 13 е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор.