Јанша: Сега ни е потребна Америка повеќе од кога било по падот на СССР

5

 

Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, изјави за Си-ен-ен дека треба да се воспостави мировна мисија во Украина, но дека тоа ќе биде можно дури по прекинот на воените дејствија, пренесоа денеска словенечките медиуми.

„Дури кога Украинците ќе се одбранат, ќе дојдеме во ситуација да зборуваме за мировна мисија, дотогаш мораме да направиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на Украина да се одбрани“, рече Јанша.

Единствената организација која би можела да изврши таква вистинска мисија е НАТО, посочи Јанша, додавајќи дека се согласува со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој побарал од алијансата таква мисија.

Русија реагираше дека секој контакт меѓу руската армија и НАТО во таа смисла ќе доведе до непоправливи последици.

„Украинците се решени да се бранат и да победат во војната со агресорот, а Западот треба да продолжи со санкциите против Русија за да се запрат непријателствата, а во меѓувреме да продолжи да ѝ помага на Украина со оружје“, рече Јанша.

„Санкциите ќе ги ослабат Русите и тие мора првенствено да влијаат на руската воена машина. Руската технологија се заснова на делови произведени на Запад и мислам дека тоа е она на што сега треба да се концентрираме“, рече Јанша.

„Во Европа во последните децении ја занемарувавме безбедносната ситуација. Сега ни требаат САД повеќе од кога било пo падот на Берлинскиот ѕид“, рече словенечкиот премиер.