Јовановиќ: Покачувањето на струјата е политичка одлука и удар врз најсиромашните

6

Поранешниот советник во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ остро реагира на одлуката на Регулаторна комисија за енергетика за покачување на цената на струјата, која ја окарактеризира како политичка со крупни политички и социјални последици.

Според него, загрижувачки е што една ваква крупна одлука се префрла на техничко тело и се носи помеѓу две влади.

-Ова е најкрупна економска одлука што е направена последните десетина години, многу поголема и од прогресивниот данок и загрижува што една ваква одлука која ги погодува сите граѓани се префрла на техничко тело како што е Регулаторна комисија за енергетика. Ваква одлука не можеше да се носи пред избори бидејќи беа свесни дека ќе изгубат поени. Од друга страна не ја почекаа новата влада, па таа да сноси одговорност за ова, туку го прават ова во период помеѓу две влади, вели Јовановиќ.

Јовановиќ вели дека покачувањето на струја е директен удар врз 755.000 сиромашни граѓани, кои што дел од нив живеат со 40 денари дневно.

-Ние сме држава со највисока стапка на сиромаштија во Европа. Околу 20 отсто од луѓето во ова држава, односно 755.000 луѓе живеат во сиромаштија. Од нив околу 100.000 луѓе живеат во екстремна сиромаштија, односно со помалку од 40 денари на ден, нагласи Јовановиќ.

Јовановиќ додава дека поскапување ќе значи удирање по најсиромашните, бидејќи за луѓе што живеат со 40 денари на ден поскапувањето за 100 до 200 денари месечно е многу.