Јорданов: Ќе гледаме уште сеир во Македонија

0

Во националистичките кругови во Бугарија и денес владее воодушевеност од препораките на Историската комисија, иако веќе почнаа да се читаат ставовите и меѓу редови и да се открива дека што и да пишува во нив, историскиот наратив во Македонија останува ист. Меѓу егзалтираните е бугарскиот националистички политичар Александар Јорданов кој за „Труд“ оцени дека – Бугарите ќе гледаат уште сеир во однос на Македонија. Според него, клучно ќе биде Македонците да признаат дека нивните претци биле Бугари.

-Северномакедонците конечно се огласија и го препознаа она што е познато во светот веќе 1000 години, а тоа е дека кралот Самуил е бугарски крал, т.е. крал на бугарското кралство, на бугарската држава. Останува да го признаат попознатиот факт, дека нивните предци во текот на сите овие 1000 години и многу пред тоа биле Бугари. Секако, оставија и дупка за повеќе аргументи. Признаваат дека Самоил бил крал на бугарската средновековна држава, но решиле да се тегнат како магариња на мост по две прашања: Првото е од која етничка припадност е овој крал и второто, какви етникуми живееле во неговото кралство. Тие веруваат дека ако запнат на овој мост, од некаде ќе скокне зајак, т.е. етнички Македонец. Така, ќе има уште гледање сеир, напиша Александар Јорданов за „Труд“.

Во истиот медиум, во авторски коментар, пак , се тврди дека Бугарија добила „нешто што е ништо“, пред се бидејќи Историската комисија дава препораки кои немаат императивен тон кон авторите на учебниците.

-Необјаснива воодушевеност владее веќе неколку дена. Првите препораки на комисијата кои се заеднички за двете земји се однесуваат на учебникот по историја на Бугарија за 5-то одделение и на учебникот по историја на Македонија за 6-то одделение. Интересно е што треба да смениме во учебниците за 5-то одделение, со оглед на тоа што таму се застапува ставот, што го потврдува и Историската комисија. Можам да ви кажам – веќе нема да пишуваме јасно и категорично, туку детално, спомнувајќи ја формулацијата „со центар на територијата на денешна Република Северна Македонија“. Како и тоа дека забелешките за бугарскиот учебник се однесуваат на изразот „бугарски земји“, се препорачува да се сменат во „денешни бугарски земји“ или „територија на модерна Бугарија“. Како што велат од комисијата, во бугарските учебници терминот „бугарски земји“ се користел уште во античко време, а преку мапите младите чувствуваат дека има бугарски земји кои денес не се дел од Бугарија. Дали сте уште среќни?- стои во коментарот на „Труд“.

Според текстот, во Скопје тврдоглаво продолжуваат да инсистираат дека Самоил е македонски крал на македонско кралство.

-И ова им пишува во учебниците за четврто, шесто и седмо одделение. „Цар Самуил е основачот на македонската кралска династија, кој заедно со неговите тројца браќа – Давид, Арон и Мојсеј, во 969 година крена востание против бугарската власт, го отфрли и создаде македонско кралство.За светите браќа Кирил и Методиј, историската комисија наведува дека „нивното творештво се развивало во книжевните центри на Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓале услови за работа“. Ова, според историчарите, дава причина современите земји заедно да го слават денот на Кирил и Методиј. Но, според учебниците во Скопје, глаголицата била дело на Светите браќа Кирил и Методиј за „лесно христијанизирање на македонските Словени околу Солун“, а потоа словенското писмо се проширило и во другите соседни земји – вклучително и Бугарија.

Најважно е што историската комисија едноставно дава препораки кои немаат императивен тон кон авторите на учебниците, туку треба да се разгледуваат како предлози, напишани многу умерено. Тоа е, нешто како ништо. Македонскиот историски наратив нема да се менува затоа што целта на комисијата не е да одредува како да се чита македонската или бугарската историја. Односно, што различно и какво добро, за нас, се случи. Ништо! Само што продолжува да доминира реченицата – „голем дел од модерната историска наука“. Има дури и сламка за да се фатат Македонците, бидејќи овој израз значи токму тоа – дека не постои консензус меѓу научниците. Никој ништо не спомнува притоа за учебниците во РСМ, повторно во речиси сите паралелки, во кои пишува дека „Бугарите се „монголско татарско племе од турската група на народи“.

Сепак, во нашите медиуми недостасува нешто многу важно, се надевам не намерно. Македонците од историската комисија, цитирани од многу медиуми во Македонија, велат : „Претстојните разговори, особено за периодот од 19 век, ќе бидат многу тешки, но на дневен ред ќе бидат и Втората светска војна и холокаустот, а Бугарите ќе мора да се соочат со своите трауми“…Да не заборавиме што изјави пред еден месец копретседавачот на македонската страна Драги Георгиев: „Периодот на Втората светска војна е многу јасен, нема што да се дебатира. Има документи од бугарските архиви, од бугарската влада, дека се подготвуваат да ја извршат окупацијата на Македонија. Има еден куп документи за нашата борба во Втората светска војна, за идеите за кои се борат Македонците“. Да резимираме во една реченица – Бугарите се фашистички окупатори, стои во коментарот на „Труд“, па заклучува:

-И денес скокаме од радост што Историската комисија постигна договор и што Македонците се „советувани“ да ги сменат учебниците по историја (само) за 6-то одделение.