Ќе ги жртвувам сите трофеи, но нема да се вакцинирам

6

Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ, не се изјасни откако беше депортиран од Австралија, а сега во ексклузивно интервју за британскиот Би-би-си, рече дека попрво би ги жртвува идните тениски трофеи отколку да биде принуден да се вакцинира против коронавирусот.

Ова секако не е добра вест бидејќи доказот за вакцинација стана задолжителен за сите грен слем турнири. За тоа е свесен и Ѓоковиќ, кој засега не може да игра на Ролан Гарос, Вимблдон, САД Опен …

-Ги разбирам последиците од мојата одлука. И бев подготвен да не одам во Австралија. Не можам да одам на повеќето турнири и тоа е цената што сум подготвен да ја платам. Никогаш не сум бил против вакцинацијата. Секогаш ќе поддржувам слобода на избор за нешто што ставате во своето тело. Се прават максимални напори за да се ослободиме од вирусот и јас сум свесен за тоа. Подготвен сум да се откажам од рекордот по број на грен слемови поради принципот да одлучувам што влегува во моето тело и тоа е поважно од која било друга титула или што било друго. Сакам да бидам поврзан со моето тело, изајви Србинот.

Тој зборуваше и за депортацијата од првиот грен слем турнир Австралија опен, поточно за поништување на неговата виза од министерот за миграција Алекс Хоук.

–Прифатија и во Сојузниот суд, прифати и министерот за имиграција… Она што луѓето не го знаат е дека не бев депортиран затоа што не бев вакциниран или затоа што ги прекршив правилата за аплицирање за виза. Причината поради која бев депортиран е тоа што министерот за имиграција Алекс Хок, ја искористи својата дискреција да ми ја откаже визата врз основа на перцепцијата дека можам да создадам некое антивакцинско расположение во земјата, со што целосно не се согласувам, вели Ѓоковиќ, кој оваа недела настапува на АТП турнирот во Дубаи.

Меѓутоа, без бакцина тој нема да може да настапи на мастерсите во Индијан Велс и Мајами, каде што услов е вакцинацијата.