Ќе растат каматите на кредитите и депозитите

13

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на последната седница донесе одлука за дополнително зголемување на основната камата за 0,25 процентни поени откако во април таа веќе беше зголемена за 0,25 процентни поени и достигна ниво од 1,5 проценти.

Народната банка овој потег го направи со цел да се интервернира по однос на нагорните движења кај инфлациските очекувања како што повеќе финансиски експерти препорачаа последнава недела, а вакви мерки веќе донесоа и Европската централна банка и американската ФЕД, како и националните банкарски институции на повеќе европски земји.

Како што соопшти НБРСМ, Комисијата за донесување на оваа мерка ги имала предвид најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

-Земени предвид се најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза. Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка, информираа од НБРСМ.

Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата, во април 2022 година, забрза и достигна годишна стапка од 10,5%, што упатува дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.