Ќе се полагаат два екстерни предмети, третиот станува интерен – матурата се поместува за 5 јуни

27

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи денеска на прес конференција посочија дека постигнато е квалитетно компромисно решение со кое се гарантира квалитет на матурскиот испит.

„Се договоривме за два екстерни испити, додека за третиот екстерен испит се согласивме да се трансформира во интерен испит. Вака ниту еден матурант нема да има проблем да се запише на некој од домашните или странските престижни универзитети. Се договоривме и за формирање на работна група меѓу Бирото за развој на образование во надлежност на МОН и Сојузот на средношколците каде ќе се одлучува за кратење на програмите за екстерните испити“, посочи Заев.

Групата ќе биде составена од претставници на Бирото и Сојузот, како и наставници номинирани од Сојузот на средношколците. Со работната група ќе претседава претставник од канцеларијата на претседателот на Владата и целиот овој процес треба да заврши до средината на март.

„Како дел од ова решение влезе и заедничката согласност, матурата да започне една недела подоцна, односно наместо од 29 мај, како што беше предвидено, ќе започне од 5 јуни“, додава Заев.

Ходаи упати честитки до матурантите за нивното единство и упорност, односно за тоа што успеале да го добијат заслуженото внимание од институциите и Премиерот и да дојдат до компромис кој ги задоволува нивните барања, не го нарушува системот, а сепак ги штити интересите на сите ученици.