„Ќе те дигнам во воздух“, му се заканил Грујевски на маркирач од УБК

11

Сведокот кој денеска сведочеше за масовното нелегалното прислушување во УБК, потенцираше дека броевите кои требало да ги стави во системот за прислушување најчесто го добивал од началничката Надица Николиќ, која не била во неговиот оддел, односно не му била надредена.

Бидејќи се случувало да добие и „нарачки“ од други шефови, се нашол во непријатна ситуација пред Горан Грујевски, кој му се заканил дека треба да ги прима само броевите од него и од Николиќ.

-Имав ставено број од надредениот Небојша Стајковиќ. Кога ме праша Грујевски кој ми го дал бројот му го посочив Стајковиќ. Тогаш ми се закани: “ Ќе те дигнам во воздух ако ставиш број кој не сум ти го дал јас или Николиќ“, се потсети сведокот.

На наредното рочиште кое е закажано за 12 декември сведокот вкрстено ќе го испрашува одбраната, односно адвокатите и обвинетите меѓу кои е и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.