ЌЕ ЈА БИДЕ ЛИ ДРЖАВАВА О ШОЧ? ( другар)

833

Од нас зависи акалот! Ни македонците ни албанците немаат чувство на државност, колку и да се удираат македонците во гради ‘‘ова е наша, вечна земја‘‘! Не навикнал да има држава ни едниот ни другиот (македонските албанци). Сите ја презираат државата Ооо Шоч! Ја мразат, колку и да лажат дека ја сакаат и се колнат во неа. За да имаш здрава држава, прво треба да ја сакаш и да и мислиш добро

 

Пишува Агим ЈОНУЗ

Па, таа е бидната уште одма после потписот на Тито, ама малку и фали за да биде стварно држава.Тоа е прашање кое обично знае да ми постави некој минувач на улица. Ако земеме во предвид дека девеесет посто ид обичните граѓани се политички неписмени, не знаат како функционира демократијата, единственото просто прашање им е тоа. ‘‘Ќе не биде ли‘‘? Па, тоа веројатно требал да мисли Тито кога рекол ‘‘ нека биде држава бе‘‘.. ‘‘ѓунах се‘‘!

Како да му објаснам на оној пред самопослуга како функционира моторот на државата. Една држава се темели генерално на три дирека, а тоа се политичката, социјалната и економската стабилност. И сега, за да му дадам права слика, треба да објаснам каква е ситуацијата, а истовремено да употребам едноставни зборови кои тој, како просечен граѓанин може да ги разбере. Ајде да се обидеме едноставно со прости зборови.

О Шоч! Политичкиот дирек на кој се потпира државата е како крива бандера што држи полски ќенеф! Македонската страна не знае што да прави сама со себе, па си вади очи сама во борба кој ќе биде поголем католик од Папата. Дека многу ги сакаат албанците и дека се најголеми космополити на светот, тоа можеш слободно да му кажуваш на некое дете. Најголема заблуда е да кажеш дека македонците ги обожаваат албанците. Уште од турско време они се контра страната! Ама, немаат каде. Горе високо, доле длабоко. Прават зорлем братсво-единство со албанците. Кога би можеле да бираат, најголем дел од нив би сакале линијата Белград – Солун да нема граници, а истовремено да си ја задржат државата. Е на тоа се вика ‘‘ на баба ти гаките‘‘! Тоа е правата вистина.

На албанците откога големите сили им го ставија во фиока проектот ‘‘ голема Албанија‘‘, им остана секој во својата држава да глумат ‘‘најголеми албанци‘‘. Им остана амбиентот навечер со ‘‘ ќетелија‘‘ да пеат за патриотизми, а преку ден да се мешаат со македонците во секојдневјето затоа што државата мора да функционира. Така барем наредиле Америкаците. Нема ‘‘ трт-мрт‘‘!. Кој ќе биде против тоа, може слободно да си оди дома и да гледа вести на телевизија. Ако не, ке оди на Кале да му сечат ушите. Она што е најтрагично, после војната 2001-ва останаа  многу отворени политички газови, кои во 25-30% население наместо да се единствени, си копаат гроб еден на друг кој да седне во кожна фотеља, а кој да фати лопата и да обработува земјиште за бериќет. Битно, ќетелијата навечер гласно свира ‘‘пер Шќиптариијн‘‘!Политиката создаде ‘‘македонска‘‘ албанска елита ( дали е тоа елита?!..) базирана на војна, ‘‘бизнис‘‘, насилен фраерлук и субкултура. Вистинската интелигенција и еснафите останаа фукара, без леб и на дното.

И така, во државата политичка сцена функционира како голем синфониски оркестар во кој наместо виолини, свираат зурли и тапани ‘‘љодрат‘‘ , со по некоја хармоника ‘‘ дугметара‘‘! Јасно ли ти е сега Шоч?

Оо Шоч! Социјалниот дирек функционира како последица на политичкиот. Не може да ти функционира министерство за Труд и Социјала во која министер по партиска линија е некој што завршил за ветеринар! Секако ова е само измислен пример, ама вистината е блиску. Не дај боже да останеш да мисли државата на тебе, тоа е исто како да чекаш ( естагфируллах) во сред џамија господ да ти пушти нешто одозгора. Општа депресија. Среќна е онаа куќа која има барем еден член што е во странство, под услов да е ‘‘ хаирли‘‘ дете па да прати дома пари за леб. Огромна маса од населението е во сериозна депресија на душата и користи лекови за нерви. Оние кои се по ‘‘харамот‘‘, баш им е гајле што се повеќе има наркомани и алкохоличари. Кога една држава е во криза, цветаат алкохолизам, наркоманија, проституција, криминал, башибозук. А ако некој ми рече дека тоа го немаме ‘‘колку ти душа сака‘‘ или е ќорав или зборува за инат! Оо Шоч!

За економскиот дирек што да се каже освен дека се што имаше да се украде во државата отиде јабана. ‘‘Папала Маца‘‘! Нема што повеќе да се краде. Останаа неколку елементи, ама кога ќе дојде и тоа да се продава, нај пресудното прашање ќе биде ‘‘ колку има за мене и тебе‘‘, а не за државата и буџетот. А, со самото тоа за народот, за тебе, за мене.  Економијата во Македонија е упропастена уште оној момент кога сите ја оставија лопатата на нива и отидоа во големиот град да станат ‘‘граѓани‘‘. Сите побегнаа од село како од болест. За ситуацијата најдобар пример е податокот кој вели дека дури и во најодалечените села жителите одат во бакалница да купат литро млеко. Во земја која уште пред многу векови била земја на сточарство и земјоделие. Се е кажано. Држава во која тракторот и комбајнот е заменет со Ауди, БМВ, Мерцедес, функционира само ‘‘од бензиска до бензиска‘‘. Индустрија!? Па, зарем имаме индустрија!?

И ти мене Шоч ме прашуваш ке ја биде ли државата! Која држава бе алоо, ЈОК држава. Зборот држава има тежина, широчина, височина, длабочина.

И така шоч, за да биде сликата по комплетна, да додадеме дека имаш здравство во кое ако се разболиш сериозно и треба да купуваш лекови во декларативно бесплатно здравство, подобро земи ‘‘ шехадет‘‘ и умри на време додека не стемнило барем до ‘‘икиндија‘‘!

Имаш полиција во која барем две третини не исполнуваат услови да бидат елементи на кои можеш реално да се потпреш кога бараш заштита . Полицијата е на некого брат, на некого ‘‘ Џебраил‘‘.

Имаш војска во која ти гарантирам дека ако пукне една пушка пола од војската ќе ја бараш сокриена под кревет. Ептен имавме к‘смет да не земе НАТО, иначе ако останеше ние самите да ја чуваме границата, отидовме у ‘‘ три нанички‘‘. Да не се тепаме со Србите!? Со Бугарите? Со Албанија!? Ало Шоч, пробуди се! Ние сме само топовско месо за НАТО у Авганистан! Да не беше НАТО, војската ке останеше со скинати гаки. Тоа е единствениот ќар!

Шоч! За да ти одговорам дали ке ја биде државата, треба да сум ‘‘хоџата од Куманово‘‘. Има работи кои зависат од нас, и кои не зависат. Од нас најмалку зависи на која нога станал денеска Бајден и дали на Балканот му треба мир или војна. Или дали за сметка на албанците ке им попушти на србите. Само тој знае каков му е есапот во кој ние у сите комбинации сме само кусурот.

А од нас што е тоа што зависи? Е тоа е најважното и најтешкото. Од нас зависи – акалот! Ни македонците ни албанците немаат чувство на државност, колку и да се удираат македонците во гради ‘‘ова е наша, вечна земја‘‘! Не навикнал да има држава ни едниот ни другиот (македонските албанци). Сите ја презираат државата Ооо Шоч! Ја мразат, колку и да лажат дека ја сакаат и се колнат во неа. За да имаш здрава држава, прво треба да ја сакаш и да и мислиш добро. После само по себе доаѓа. Единствениот спас за оваа држава, ако веќе ме прашуваш ‘‘ ќе ја биде ли‘‘, е под итно политичката сцена да оди на ‘‘ ремонт‘‘! Да се појават млади луѓе на кои пред се им е државата! Уште долго, долго време ова ќе биде ‘‘ зорлем‘‘ држава која многу повеќе ке ја штитат меѓународните интереси отколку ние самите.

И на крај еве, со најпрости зборови да ти одговорам О Шоч !Државата со овие политичари ако продолжи вака, ке заврши како лисицата во албанската народна приказна ‘‘ мас кочет е дашит‘‘!……ама,… Гајрет, О Џемаат,.. гајрет!

(Авторот е редовен колумнист на весникот КОХА)