Ќучук: Треба време за решавање на комплексното прашање меѓу Скопје и Софија

9

Договорот од Преспа генерално кажува дека Република Северна Македонија нема никаква поврзаност со античка Грција и тука разговорот завршува, се поставува точка, но со Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година се поставува запирка и можеби од таму доаѓа поголемото, покомплексното прашање, изјави европратеникот и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук.

Тој синоќа во гостување во емисијата „Клик Плус” на ТВ21 оцени дека ќе биде потребно време да се реши проблемот меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека ќе треба „подобро да се запознаеме”.

– Договорот од 2017 година поставувајќи ја темата за заедничка историја кажува и уште нешто дека тоа прашање не може да биде решено во рок од неколку години, тоа е значајната разлика со Договорот од Преспа. Договорот од Преспа генерално кажува дека Република Северна Македонија нема никаква врска, т.е. Република Северна Македонија нема поврзаност со античка Грција и тука разговорот завршува, се поставува точка. Додека со договорот од 2017 година се поставува запирка и можеби од таму доаѓа поголемото, покомплексното прашање, истакна Ќучук.

Спроед него, ова прашање ќе биде решавано во текот на времето и во следните неколку години нема да биде побаран едноставен одговор на „многу сложени прашања акумулирани во текот на годините”.

– Ќе бидат потребни напори, ќе треба да се запознаеме повеќе. Евидентно е дека за исти историски настани имаме различно толкување, имаме различно објаснување, различно гледање, едно во Бугарија друго во Северна Македонија, изјави Ќучук.

Европратеникот смета дека не треба да се очекува земјава да ги почне преговорите за членство во ЕУ во јуни, со оглед на случувањата во Бугарија и немањето политичка влада.

– Ако гледаме на тоа како статичен феномен, односно бараме одреден датум кога Гордиевиот јазол би се разврзал, тогаш веројатно нема да најдеме датум, колку и да се обидуваме да го најдеме. За мене големиот разговор е како може да се создаде позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована на убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската унија заедно, додаде Ќучук.