Џафери ја закажа седницата за одложување на пописот за 13 часот

10

Владата го препрати Законот за одложување на пописот до Собранието а претседателот на Парламентот Талат Џафери ја закажа пленарната седница за денеска во 13 часот. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е децидна дека нема да даде виза за одложување на пописот. Ова значи дека и покрај настојувањата пописот нема да се одложи со консензус од сите парламентарни партии.

Освен предлог законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението по скратена постапка на дневен ред на седницата е и предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.

Но дилема е и дали сега законски ќе треба да се прекине пописот, бидејќи според важечкиот Закон операцијата на пребројување на граѓаните денеска почна, или како што е наведено во законот кој е во Собранието, пописот ќе се одложи за септември.

Пратениците со кои контактираше Плусинфо не можат да прецизираат дали одложувањето на пописот ќе создаде правен проблем. Според нив, правно тој треба да биде прекинат, наместо да биде одложен. Правници, пак, толкуваат дека Македонија не е Швајцарија па ситуацијата да биде како што велат „мак на конац“.

– Навлезени се во рокот за одржување на пописот, но ние не сме Швајцарија, тоа не би требало да биде проблем, бидејќи суштински пописот на терен не е почнат. И да е почнат пописот, тој ќе се запре и ќе се одложи за септември – вели професорот Гордан Калајџиев.

Од Државниот завод за статистика велат дека до завршувањето на постапката во Собранието нема да ги почнат пописните активности на терен.

– Со оглед дека е предвидено пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време. Во периодот додека се чека разрешница во Собранието, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување – велат од Статистика.

Од друга страна, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтрернатива не отстапуваат од ставот дека пописот треба да продолжи. Координаторот на пратеничката група на АА-А, Скендер Реџепи е дециден дека пописот не треба да се одложи и дека ако Џафери свика седница тие прво на Комисијата за европски прашања амандмански ќе се обидат да го спречат одложувањето на пописот, а на пленарната седница ќе се обидат да го блокираат преку принципот на Бадентеровото мнозинство. За одложување на Законот за попис потребно е да гласаат 61 пратеник, но и да има Бадентерово мнозинство. Реџепи додава дека всушност Парламентот ќе треба да го прекине, а не да го одложи пописот исто како во 2011 година. АА-А се противи на одложување на пописот бидејќи смета дека се прави од политички, а не од здравствени причини.

– Нема шанси за консензус за одложување на пописот. Убедени сме дека ќе нема попис во септември оти политичките причини нема да исчезнат дотогаш – вели Реџепи.

Според извори од Собранието, Алијанса и Алтернатива не даваат пас за одложување на пописот бидејќи го врзуваат со договор за Законот за државјанства.

Вчера и по шестчасовна координација кај Џафери, шефовите на пратеничките групи не успеаја да се договорат за да се закаже седница за одложување на пописот.

Според актуелниот Закон за попис, регистрацијата на населението почнува од 1 до 21 април. Законот за одложување на пописот е тој да се спроведе од 5 до 30 септември поради потребата од имунизација на населението и поради тековната состојба предизвикана од вирусот ковид–19.