Џафери ја свика конститутивната собраниска седница за вторник, Неизвесно е дали ќе ја води тој

40

Претседателот на Собранието Tалат Џафери го потпиша Решението за свикување на првата, конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија.

Конститутивната седница ќе се одржи на 4.8.2020 година (вторник) во 12 часот.

Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски со цел да се намали ризикот од заразата од коронавирусот.

Од новоизбраните пратеници, двајца се со коронавирус, а Џафери е на Инфективната клиника бидејќи има пневмонија. Тој има три негативни теста за ковид-19 и се уште е в болница. Неизвесно е дали тој ќе ја води конститутивната седница на новиот Парламент, или најстариот пратеник Стојан Миланов од Социјалистичката партија.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, т.е. во големата купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.