Џеф Безос по 60 години ќе ѝ го оствари сонот на несудена астронаутка да патува во вселената

20

„Вирџин галактик“ на Ричард Бренсон планира да биде во вселената девет дена пред Џеф Безос. Компанијата на британскиот милијардер објави дека следниот пробен лет ќе го има на 11 јули и тој ќе биде меѓу шестемина патници.

Оваа вест беше објавена само неколку часа откако „Блу ориџин“ кажа дека Безос ќе придружува несудена астронаутка на летот во вселената на 20 јули, на што таа чекаше 60 години. Воли Фанк, која поминала низ сите тренинзи во 1960-ите, ќе биде најстарата личност која патувала во вселената.

Безос ја покани Фанк како почесна гостинка, а покрај нив, на летот ќе бидат неговиот брат Марк и мистериозниот патник кој плати 28 милиони долари на наддавањето за последното седиште. Тие ќе се искачат 106 километри над Земјината површина, со што ќе имаат можност да искусат микрогравитација и по десетминутниот лет ќе се вратат назад.

„Во 1961, Фанк беше дел од програмата „Меркјури 13“, која требаше да однесе жени во вселената. Иако ги комплетираа ригорозните физички и ментални тренинзи, програмата нагло беше откажана и никој од 13-те жени не отиде во вселената. Сега е време“, напиша Безос на Инстаграм.

Фанк е последната жива членка на оваа програма.

„Не верував дека ова некогаш ќе ми се оствари. Ќе уживам во секоја секунда. Едвај чекам“, вели Фанк, која претходно имаше купено карта за лет со „Вирџин галактик“.