Американскиот претседател Џо Бајден денеска треба да се сретне со лидерите на Финска и Шведска, со цел Соединетите Држави да покажат поддршка, откако двете земји поднесоа официјални барања за влез во НАТО, јави Си-ен-ен.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави дека средбата со финскиот претседател Саули Ниинисто и шведската премиерка Магдалена Андерсон во Вашингтон ќе им овозможи на трите нации да се координираат на патот напред и да ги споредат ставовите околу овој потег.
Барањата на Шведска и Финска за влез во НАТО доаѓаат како одговор на руската инвазија врз Украина, која предизвика загриженост за безбедноста низ целиот регион.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Саливан ги нарече апликациите за приклучување кон НАТО на Финска и Шведска, како момент во европската безбедност.
„Две нации со долга традиција на неутралност ќе се приклучат на најмоќниот одбранбен сојуз во светот и ќе донесат со себе силни способности и докажано искуство како безбедносни партнери“,рече тој.
За Финска и Шведска да можат да бидат дел од НАТО, сите 30 членки на Алијансата мора да дадат едногласно одобрение за нивниот влез. Но, додека многу членки на НАТО изразија поддршка за Финска и Шведска да се приклучат на Aлијансата, потегот наиде на отпор од Русија и Турција – членка на НАТО.
Руската Федерација која во моментов војува со Украина, повеќе пати го предупреди НАТО дека доколку Финска и Шведска се приклучат кон Алијансата ќе следува нивен одговор на Балтикот, а оти таквиот потег на двете држави нема да ѝ донесе стабилност на Европа.
Во меѓувреме, по вчерашните официјални барања на Финска и Шведска за пристап кон Алијансата, Турција го блокираше пристапниот процес за овие две земји.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно вчера изјави дека двете балтички земји не треба да очекуваат дека Турција ќе го одобри нивното барање за членство во НАТО и дека шведските и финските делегации не би требало да доаѓаат во Турција за да ги премислат турските власти.