Авиокомпаниите во САД предупредија од можно нарушување на летовите поради воведување на 5G

11

Извршните директори на неколку американски авиокомпании испратија писмо до неколку владини агенции во кое изразуваат загриженост за безбедноста на летовите поради воведувањето на услугите од 5G мрежата.

Во писмото тие предупредуваат дека на авијацијата ѝ се заканува „катастрофална“ криза за помалку од 36 часа, бидејќи новата услуга „C-Band 5G“ може значителен број авиони да ги направи неупотребливи, да предизвика „хаос“ на летовите во САД, а „десетици илјади Американци би можеле да бидат заглавени на аеродромите во странство“.

Тоа би значело дека повеќе од 1.100 летови и 100.000 патници би биле изложени на пренасочување, одложување или откажување на летовите“, се предупредува во писмото.

Федералната управа за авијација (FAA) предупреди дека потенцијалното мешање во фреквенцијата би можело да влијае на осетливите инструменти на авионот, како што висиномерите и дека значително би ги попречиле операциите на летот при слаба видливост.

Во писмото, кое го потпишаа и УПС Ерлајнс, Aљаска Ер, Атлас Ер, Џет-Блу Ервејс и Федекс Експрес се нагласува дека е неопходна итна акција бидејќи „искрено, националната трговија ќе престане“.

Писмото е упатено до директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Брајан Диз, министерот за транспорт, Пит Бутигиг, директорот на ФАА, Стив Диксон и претседателката на Федералната комисија за комуникации (ФК), Џесика. Розенворсел.

Групата која го организираше потпишувањето на писмото, „Aвијација за Америка“, одби да коментира, а од Федералната агенција за авијација изјавија дека „ќе продолжат со одржување на безбедноста при патувањето поради воведувањето на 5G мрежата“.

Другите владини агенции не се огласија по повод писмото на авиокомпаниите.