Авиокомпаниите ги откажуваат летовите и поради штрајкови

0

Штрајковите и недостигот на персонал ги принудуваат авиокомпаниите да откажат илјадници летови, предизвикувајќи повеќечасовно чекање на главните аеродроми, загрозувајќи го првото потенцијално успешно лето по „заклучувањето“ поради КОВИД-19, пренесе Ројтерс.

Ова доведе до намалување на работните места и намалување на платите, а персоналот на авиокомпаниите од пилоти до ракувачи на багаж бара значително зголемување на платите и подобри работни услови.

Проблеми со „Луфтханза“

Така, скандинавската компанија САС, која беше принудена да откаже 201 лет или 64 отсто од вкупниот распоред, објави дека штрајкот на пилотите, кој трае повеќе од 10 дена, сериозно ја загрозува финансиската стабилност на компанијата. Освен тоа, САС и синдикатите не можат да договорат план за спас на авиокомпанијата, а со тоа и за прекин на штрајкот на повеќето пилоти.

Вработените во германската „Луфтханза“ ја повикаа компанијата да стави крај на своите „глупости за намалување на трошоците“.

„Луфтханза“ одби да го коментира писмото, иако нејзиниот главен извршен директор на крајот на јуни им се извини на вработените и клиентите, велејќи дека фирмата „претерала во намалувањето на трошоците“.

Кабинскиот екипаж на „Рајанер“ планира да штрајкува уште 12 дена во јули, соопштија синдикатите.

Аеродромите и авиокомпаниите се борат да вработат повеќе работници, но тие велат дека е особено тешко да се најдат луѓе заинтересирани за физички тешки и релативно ниско платени работни места на аеродромите кои често се наоѓаат надвор од градот.

Истовремено, се забележува дека обуката на нововработените и добивањето безбедносна дозвола за работа на аеродромите трае со месеци.