Австралиски научници тврдат дека нашле лек за коронавирусот

18

Тим австралиски научници од Квинсленд тврдат дека нашле лек за новиот коронавирус и се надеваат дека до крајот на месецот ќе го тестираат на пациенти во својата земја. Професорот Дејвид Патерсон од Центарот за клинички истражувања на универзитетот од Квинсленд за австралиски Њуз изјави дека научниците утврдиле дека два лека можат да го победат вирусот САРС/ков-2 во епрувета.

Според него, еден од овие лекови им го дале на првите луѓе кои биле позитивни на ковид-19 во Австралија, што довело до „исчезнување на вирусот“ и целосно заздравување од инфекцијата.

„Ова е потенцијално ефикасен третман. Пациентите кои го примиле го уништиле коронавирусот во својот систем по завршувањето на терапијата“, кажа Патерсон.

Двата лека се веќе регистрирани и достапни во Австралија.

„Она што сега сакаме да го направиме е големо клиничко тестирање низ Австралија, во 50 болници, при што ќе ја споредиме ефикасноста на едниот лек со ефикасноста на другиот и ефикасноста на нивното комбинирање“, објасни тој.

Освен тоа, истакна дека пациентите покажале „голема толеранција на лековите“ и дека не постојат неочекувани нуспојави.

Професорот Патерсон вели дека низ светот постојат позитивни искуства во лекувањето на новиот коронавирус, во Кина и Сингапур. Неговиот тим истражувачи верува дека тие можат да почнат да им ги даваат лековите на пациентите на безбеден начин во своите земји.

„Сакаме да им го обезбедиме на Австралијците најдобриот третман наместо да зависат од нечии нагаѓања или нечии анегдотски искуства“, кажа професорот.

Тој се надева дека тестирањето ќе почне до крајот на март.

„Ако можеме да го тестираме лекот на првиот бран пациенти, а очекуваме да успееме, ако има инфекции во следните месеци, ќе ги имаме најдобрите информации за можното лекување на идните пациенти“, заклучи Патерсон.

Едниот од двата лека се користи за лекување на ХИВ, а другиот е против маларија кој се нарекува клорокин, а кој сега ретко се користи поради развиената отпорност.

Истражувачите сакаат детално да ги проучат овие лекови и со тоа „да се обидат да ја намалат нервозата на Австралијците“.

Истражувањето го поттикнале кинески пациенти, кои биле првите кои ги одбиле овие лекови во Австралија откако на лекарите им дале информации за третманот кој се користи во други земји.

„Нашите лекари беа многу изненадени што лекот за ХИВ функционира против коронавирусот, па беа скептични. Првиот бран кинески пациенти во Австралија оздравеа по користењето на овие лекови, што ни покажа дека имаме нешто со што можеме да работиме“, заклучува Патерсон.

Во моментов се собираат средства за клиничко тестирање на овие лекови и друг слични истражувања, а досега се собрани 30.000 од потребните 750.000 долари.