Австралија: Пожарите „проголтаа“ 8.000 коали, околу 480 милиони загинати животни

14

Опустошена е голема површина, причинета е огромна материјална штета, илјадници луѓе се евакуирани, добар дел од нив останаа без своите живеалишта, досега се забележани 24 човечки жртви и, според проценките, околу пола милијарда животни (поточно 480 милиони) – разни птици, цицачи и влекачи. Ова е досегашниот биланс од пожарите што десетина дена беснеат во Австралија.

Стручњаците се загрижени дека некои растителни и животински видови би можеле засекогаш да исчезнат. На трите милиони хектари земја колку што изгоре во Нов Јужен Велс, се проценува дека загинале околу 480 милиони животни. Огнените јазли проголтаа дури 8.000 коали што е третина од вкупниот нивни број во Австралија.

Тие се впрочем најзагрозени и со најмали шанси за преживување од причина што се мали и бавни за разлики од кенгурите кои имаат најголеми шанси за бегството од опожарените подрачја поради нивната висина и брзина.

Згора на тоа, коалите се хранат со лисја од еукалиптус кои содржат лесно запаливи масла што дополнително ги изложува на ризик. Од австралиското министерство за животна средина велат дека точните бројки на загинати животни ќе бидат познати по смирување на пожарите.