Австралија се бори со нов бран на пандемијата, Сиднеј повторно затворен

28

Австралија влезе во нова фаза од пандемијата откако за првпат по повеќе месеци ширењето на коронавирусот истовремено е забележано во разни делови од земјата.

Кластерот во Сиднеј, кој се поврзува со високо преносливата индиска варијанта, порасна на 128 заразени, а нови случаи се регистрирани и во сојузните држави Северна Територија, Квинсленд и Западна Австралија. Ескалацијата доведе до прогласување карантин во Сиднеј и Дарвин, а рестрикции се воведени во четири сојузни држави.

„Ова е критично време за нашата земја. Мислам дека влегуваме во нова фаза од пандемијата“, изјави министерот за финансии Џош Фриденберг, додека австралиските лидери денеска ќе одржат итен состанок.

Ситуацијата е најзагрижувачка во Сиднеј, каде што пет милиони луѓе се опфатени со наредбата да се седи дома. Денеска се потврдени уште 18 нови случаи на зараза.

„Делта варијантата е многу страшен непријател. Преносливоста е речиси стопроцентна во рамките на едно домаќинство. Какви одбранбени мерки и да преземеме, вирусот знае да изведе контранапад“, изјави министерот за здравство на Нов Јужен Велс, Бред Хазард.

Австралија досега успешно се справуваше со пандемијата така што воведуваше карантини и ги затвораше границите и оваа година нема ниеден смртен случај од ковид-19.