Австрија бара Бугарија да ја тргне блокадата кон Северна Македонија, оптимизам за решавање на прашањето оваа година

9

Австрија бара од Бугарија да ја тргне блокадата кон Северна Македонија и земјава да ја одржи првата меѓувлададина конференција со ЕУ за време на португалското претседателство, што завршува на 1 јули. Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер нема разбирање дека Софија и натаму блокира, апелирајќи до Бугарија овој отпор да го заврши. Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е оптимист дека оваа ќе биде година на заеднички успех со Бугарија и оти доколку се покаже мудрост од двете страни, прашањето би можело да се реши за неколку месеци.

Овие пораки беа пренесени вчера на заедничката прес-конференција на австриската министерка Едштадлер со вицепремиерот Димитров, кој е во посета на Виена, како дел од неговата турнеја низ главните градови на земји членки на ЕУ.

– Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Се што е одложување понатаму ќе не остави да бидеме губитници. Искрено велам, дека немам разбирање за тоа дека Бугарија понатаму блокира, рече Едштадлер.

Таа посочи дека земјава дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа, потсетувајќи дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.

– И понатаму станува на врвот на агендата и во Советот и на ниво на министрите за надворешни работи да се реши оваа блокада. Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме во Виена како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја реализираме во дела, истакна Едштадлер.

Тој вакуум, додаде Едштадлер, ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија.

– На Западниот Балкан сакам да го постигнеме спротивното и особено Северна Македонија да ја вклучиме во идната конференција. Западниот Балкан припаѓа во Европа. Се додека Западноиот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него, истакна Едштадлер.

Вицепремиерот Димитров, од своја страна, се заблагодари за гласната, принципиелна, пријателска и континуирана поддршка од Виена за европската иднина на целиот Балкан.

– Нашиот пап кон ЕУ е посебно трнлив. Нашиот заеднички пријател и Ваш колега со кого ќе се видам после оваа прес-конференција, министерот Шаленберг, еднаш во Скопје кажа: „Тоа е како Тур д’Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката“ и затоа и денес се со Каролине согласивме, стартот на овој маратон и трката по европските начела и стандарди, веќе не смее повеќе да се одложува, посочи Димитров.

Димитров подвлече дека како 16 години земја-кандидат и 20 години во процесот на стабилизација и асоцијација, навистина е време да го почнеме пристапниот процес.

– Како нација, направивме многу, но зеленото светло од март минатата година почна да трепка со последниот предизвик со нашиот источен сосед. Ќе биде многу важно за нашите македонски граѓани, но и за граѓаните од целиот Балкан, за да можат да веруваат на зборовите од Европа и одлуките на Европскиот совет, да видат реално поместување напред во оваа календарска година и ние ќе направиме сѐ што можеме тоа да го обезбедиме и работејќи на решение на билатерални прашања, но мислам дека не смееме да дозволиме пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности, потенцира Димитров.