Австрија воведува локдаун за сите граѓани, од февруари задолжителна вакцинација

13

Австрија в понеделник оди во целосен карантин, додека земјата бележи рекордни бројки на заразени од почетокот на пандемијата. Канцеларот Александер Шаленберг кажа дека мерките ќе траат најмногу 20 дена, со тоа што ситуацијата одново ќе се проанализира после десет дена.

Тој додаде и дека вакцинирањето против ковид-19 ќе стане задолжително од 1 февруари.

„Не сакаме да ни се случи петти бран“, изјави Шаленберг по средбата со деветтемина регионални гувернери.

Ова следува само пет дена откако Австрија воведе карантин за невакцинираните, што опфати околу два милиона жители.

Четвртиот бран на пандемијата тешко ја погоди земјата, која ја има една од најниските стапки на вакцинирање во западна Европа. Според последните податоци, седумдневната инциденца порасна на 971,5 новозаразени на 100.000 жители. Таа стана првата западноевропска земја која воведе целосен карантин оваа есен откако во изминатите 24 часа регистрираше повеќе од 15.000 нови случаи на коронавирус.