Австрија: Напад на Азијците поради страв од коронавирус

3

Иако кинескиот Вухан, каде што се појави инфекција на коронавирус е оддалечен 8 000 километри од Австрија, во Виена владее страв од Азијците.

Брачна двојка од Тајван, чија ќерка е уредничка на државната радиостаница „Ое3“, била нападната додека патувале со градски превоз во Виена.

Исто така во Виена била нападната една Кинезинка во супермаркет.

Како резултат на овие напади, во кинеската заедница кружат предупредувања дека треба да се биде претпазлив во јавноста.

Стравот од коронавирус се рефлектира и во кинескиот ресторански бизнис во Австрија.

„Во моментов имаме ресторани кои имаат загуба и до 50 проценти“, изјави претседателот на Здружението на кинеските бизнисмени, Зу Маоз за виенскиот весник „Естерајх“.

Кинеската заедница стравува дека кога ќе се потврди првата инфекција со коронавирус во Австрија, бројот на гости во кинеските ресторани би можел да се намали за 90 проценти.