Авторките на учебникот со грешки по историја: Немавме прилика да го прегледаме пред печатење

22

Авторките на учебникот по Историја за петто одделение реагираа по објавувањето на грешките од учебникот.

Велат дека по констатираните грешки, писмено се обратиле до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците.

„Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава. Сите сугестии кои беа од техничка природа, се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење. Можеби ќе забележавме дека пишува дека наместо V век, пишува V век пр.н.е; дека при обработка и едитирање на текстот останала грешка за местоположбата на нашите соседи од исток и запад или за мерните единици. И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки…ќе се забележи дека тој во целост ги следи Наставната програма, Методологијата за изработка на учебник и Националните стандарди.“, велат од авторите во реакцијата.

Оценуваат дека е навредлива констатацијата дека авторките се неписмени, нестручни и некомпетентни. Ако е така, прашуваат тие, зошто немаше други автори за овој предмет, кои ќе бидат компетентни и гласни со дела, а не со коментари, кои се недолични и даваат политичка позадина на се’ во општеството.

Оттука ги замолија надлежните во МОН да ги коригираат електронските верзии на посочените места. Исто така, ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти, како што им посочуваат и за сите други учебници, каде ќе констатираат грешка.

Авторките повикаа на почитување на нивната приватност, а истовремено апелираа до МВР  да реагира на сите форми на насилство упатени кон нив и нивните семејства и заканувачките пораки кои ги добивале јавно.

„Ги замолуваме сите оние кои навлегуваат во нашата приватност, споделуваат линкови до нашите лични профили, оние кои споделуваат наши фотографии без дозвола, да престанат. Со влегувањето нашите профили и недоличните коментари, влегувате во нашите семејства, во кои има деца. Јавното линчување луѓе е средновековна практика, која сега е во модерна форма.

Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат. Ама, насилството кое се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства. Сајбер насилството е модерно силеџиство, кое го читаат деца и на тој начин директно се изложени на негативен пример, кој упатува страшна и многу загрижувачка порака. Секој може да навлезе во вашата приватност и да ви го руши личниот и професионален интегритет кој сте го граделе со години“, велат авторките на учебникот.