Агендата на лидерскиот самит за Западен Балкан: Заев во последен момент соопшти дека заминува за Софија

16

Лидерскиот самит за Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, на кој оваа година домаќини се Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи денеска во Софија.

Македонската делегација на самитот ја предводи премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерите Фатмир Битиќи и Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Со Самитот, кој заради пандемијата со ковид-19 ќе се одржи преку видео конференциска врска ќе претседаваат премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Заев и Бојко Борисов, а свои обраќања ќе имаат канцеларката на Германија Ангела Меркел, на чија иницијатива почна и се спроведува Берлинскиот процес, претставник на Европската комисија, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка Мајлинда Брегу и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ.

На пленарната сесија се очекува да учествуваат лидерите на земјите од Западен Балкан, како и заменик-претседателот на Европската комисија Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Се очекува на Самитот да бидат донесени акцискиот четиригодишен план за заеднички регионален пазар, за кој шефовите на држави и влади ќе потпишат декларација, како и декларација за зелена агенда за Западен Балкан.

Како логистика на овие стратешки документи, на Самитот во Софија ќе бидат донесени и повеќе меморандуми и протоколи, како што се меморандумот за заеднички регионални стандарди за меѓународните договори за инвестиции и протоколот за отворен пристап кон истражувачките инфраструктури на земјите од Западен Балкан.

Лидерскиот самит за Западен Балкан ќе заврши со заеднички изјави за медиумите на копретседавачите премиерите Заев и Борисов, заедно со канцеларката Меркел.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева вчера, по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од Берлинскиот процес, со кој копретседаваше македонскиот министер Бујар Османи, изјави дека Бугарија е подготвена да ја преземе одговорноста за блокадата на С Македонија и евентуалните странски импликации.