Адеми: Изготвен нов предлог план за тоа како ќе се одвива учебната 2020-2021 година

8

Мнозинството анкетирани директори на училишта, наставници и родители се за повторно отворање на училиштата со настава во училница или комбиниран модел на настава во училница и учење на далечина, покажува истажувањето „Реактор“ спроведено во јуни и јули од страна на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и Британската амбасада.

Според истражувањето само 19 проценти се изјасниле за продолжување на наставата на далечина. Министерот за образование денеска изјави дека се прават подготовки за почеток на учебната година од 1 септемви. Протоколите и сите модели за организирање на наставата се подготвуваат преку инклузивен пристап. Адеми истакна дека е изготвен модел во кој се земени предвид мислењата на сите засегнати во процесот.

На неопходноста од отворањето на училиштата посочи и претставничката на УНИЦЕФ, која предупреди на сериозните негативни последици доколку децата останат надвор од училиштата.

-Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат. – изјави Патриција ди Џовани -Уницеф.

Без оглед дали наставата ќе биде онлајн или во училиште или комбинирана, на сите родители најважно им е децата да се здрави и сигурни, покажува анализата на првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Од амбасадата велат дека целта на анализата била да се согледаат ставовите, мислењата и препораките на родителите, бидејќи според нив, клучно е истите да бидат земени во предвид при носење било какви одлуки во однос на одвивањето на образовниот процес на децата од септември.

Од народниот правобранител пак упатија порака до министерството за образование, доколку наставата биде со физичко присуство тоа да биде според сите протоколи, каде ќе бидат опфатени и мислењата и предлозите и на институциите, но и на родителите, се во корист на здравјето и добро образование на децата.

Во градовите каде што нема ниту еден заразен од Ковид-19, Пехчево и Вландово во очекување на протоколите за работа веќе се подготвуваат за стартот на учебната година.

Одлуката на Министерството за образование за тоа каква настава ќе посетуваат учениците од први септември официјално ќе се знае наредната недела.