Административците што седеа дома, мора на работа – Манчевски: Доколку одбијат, ќе им бидат прекинати договорите

9

Административните работници што не беа распоредени на работни места ќе тргнат на работа, но доколку одбијат договорите ќе им се прекинат, соопшти министерот за информатичко општество и администрација во заминување Дамјан Манчевски. Тој најави дека согласно со коалицискиот договор за новата Влада е договорен конкретен краток временски период од само неколку месеци во кои би се затворило ова прашање.

„Сите нераспределни лица да тргнат на работа, а доколку некој одбива тоа да го направи договороте ќе бидат прекинати.“, изјави Манчевски.

Манчевски појасни дека администрацијата сите предмети ќе ги решава електронски и ќе се знае кој колку сработил.

„Со имплементацијата на системот за управување со документи и дигитализацијата на работните процеси во институциите се овозможува вработените своите документи и предмети да ги добиваат електронски, да постапуваат по истите на електронски начин и да креираат свои документи, кои преку системот ќе може да ги праќаат на одобрување, архивирање, потпишување или поматамошно постапување“, вели Манчевски.

Сега Манчевски е избран за пратеник, а министерската функција во Министерството за информатичко општество според предлогот за состав на новата Влада треба да ја врши Јетон Шаќири, кадар на ДУИ. Инаку неофицијално се зборува дека Манчевски може да биде наследникот на Драги Рашковски на функцијата Генерален секретар на Владата, за што на прашањето на ТВ 21 Мачевски напиша дека Владата го бира генералниот секретар и дека тоа е прашање за мандатарот.