АЗНПМ: Го осудуваме недоличното однесување на Асани

98

Печатените медиуми преку нивното здружение испратија соопштение за јавноста, во кое го осудуваат односот на директорот на ИДКНС, Скендер Асани, кон весникот КОХА.

Во продолжение, го објавуваме во целост соопштението на АЗНПМ.

“Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во РСМ (АЗНПМ ) е загрижена од фактот што во последно време станува пракса што носители на функции на јавни установи се пресметуваат јавно со медиуми кои критички ја опсервираат нивната работа. Последниот пример е со директорот на Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците (ИДКНА), Скендер Асани, кој за напис во весникот КОХА на тема спомен плоча на Мајка Тереза, на недоличен начин го обвини весникот КОХА за поттикнување на говор на омраза, односно антисемитизам.

АЗНПМ смета дека овие обвинувања се крајно неосновани и злонамерни, преку кои директорот на ИДКНА сака да го дефокусира вниманието од неговата одговорност на темата за која пишуваше весникот КОХА, а тоа е начинот на кој е поставена спомен плочата на Мајка Тереза, со посебен осврт на името на донаторот, отстуство на верскиот симбол крст и изостанок на именувањето на Мајка Тереза како светица, бидејќи тоа е сторено во Ватикан пред неколку години.
АЗНПМ потсетува дека улогата на медиумите и новинарите во едно демократско општество е да пишуваат слободно и без притисок за теми кои се предмет на јавниот интерес. Во таа насока ,обврска на функционери на јавни установи е да бидат транспарентни во нивната работа и да имаат отворена комуникација со медиумите. Доколку директорот Асани смета дека медиумот непрофесионално ја врши својата работа, тој имал право на приговор и до медиумските саморегулативни тела како и до нашата асоцијација или да го искористи своето законско право за барање на исправка или демант, но во никој случај тој нема право неосновано да клевети медиум.

Затоа, АЗНПМ бара под итно, како чин на морална одговорност за тешките и неосновани квалификации – директорот на ИДКНА Скендер Асани јавно да се извини на весникот КОХА а истовремено го известуваме дека во иднина, доколку има што да каже – нашата асоцијација и медиумите членки се отворени за соработка”, се вели во сопштението на АЗНПМ.”