Акар: Руската и украинската страна заеднички треба да работат за постигнување прекин на огнот

5

 

И руската и украинската страна треба да работат заедно за да постигнат прекин на огнот со цел да се стави крај на војната, изјави турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар, јави агенциојата Анадолија.

– Многу е важно страните да имаат дијалог и да работат заедно. За ова, условите што ќе ги постават страните се нешто за кое тие ќе одлучат, изјави Акар во Анкара по седницата на турската Влада.

Тој нагласи дека грижата на Турција е да се воспостави прекин на огнот помеѓу двете соседни земји што е можно поскоро, и да се отвори патот за стабилност и мир.

– Напорите на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган траат од првиот ден. Важен придонес за светскиот мир, и важна вредност. Целиот свет треба да го разбере ова, додаде Акар.

Напорите на Турција доведоа до склучување на договорот за пренос на жито преку Црното Море со што се продолжи извозот на храна од украинските пристаништа кој беше прекинат од почетокот на војната минатиот февруари. Ердоган континуирано ја истакнува желбата да ги собере рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски на формални преговори во Турција со цел ставање крај на конфликтот.

Акар истакна дека напорите на Турција се важни и за НАТО и за ЕУ.

– Овој оган мора да се изгасне што е можно поскоро. Понекогаш ваквите ситуации излегуваат од контрола и можат да тргнат во неочекувана насока. Со цел тоа да се спречи, турскиот претседател продолжува со своите повици со добри намери, земајќи го предвид регионалниот мир во рамките на хуманитарните, политичките и меѓународните односи, рече тој.

На новинарско прашање дали ќе се одржи уште една трилатерална средба меѓу министрите за одбрана на Турција, Русија и Сирија, Акар рече дека „тоа е процес“.

Тој изрази надеж дека разговорите ќе се унапредуваат преку меѓусебни преговори, кои подоцна ќе се претворат во ситуација која ќе придонесе за регионалниот мир и стабилност.

На 28 декември, министрите за одбрана и шефовите на разузнавањето на Турција, Русија и Сирија се состанаа во Москва на разговори. На средбата тие се согласија да продолжат трилатералните средби со цел обезбедување стабилност во Сирија и поширокиот регион.