Акција за пошумување на опожарените површини над велешкото езеро „Младост“

20

Прва поголема акција за пошумување во која на 10 хектари беа засадени 13.700 садници – јасен, јавор, багрем и чемпрес изведе денеска општина Велес на опожарените површини над велешкото езеро „Младост“.

Во акцијата учествуваа претставници од невладините организации, јавните институции, вработени во Општината и членови на Советот, припадници на Армијата од велешкиот гарнизон, членови на Ротари клубот, ученици со своите наставници, вработените во ЈКП „Дервен“ и граѓани.

Садниците ги обезбеди Општина Велес со поддршка од донатори.

Градоначалникот Аце Коцевски кој зема учество во акцијата за пошумување, искажа благодарност до сите учесници и донатори.

Од Општината најавуваат дека акциите за пошумување на опожарените површини над велешкото езеро „Младост“ ќе продолжат напролет и ќе се одвиваат континуирано, се додека не се пошумат сите опожарени површини.

Во големиот шумски пожар кој над велешко езеро „Младост“ кој избувна на 26 август поради невнимание на четворица работници со искрење од брусалица за 11 часа дивеење на огнената стихија неповратно изгореа 400 хектари од кои половината беа со борова шума.

Боровата шума пред 50-тина години во бројни еколошки акции ја засадија граѓаните на Велес.