„Албанија ги исполнува условите, Македонија да најде решение со Бугарија“, кажа еврокомесарот Вархеји

25

Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји, од Економскиот форум што се одржува во Тирана, порача дека Македонија мора да го одржува темпото на спроведување на реформите и брзо да најде решение за прашањата со Бугарија, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Вархеји рече дека новата методологија влијаела на нацрт преговорачките рамки за Албанија и за Северна Македонија, и дека дискусиите продолжуваат.

Вархеји изрази надеж на што поскоро почнување на меѓувладините конференции и тоа за време на преседавањето на Португалија со ЕУ.

За Албанија се исполнети сите услови, а за Македонија важно е да најде решение со Бугарија, рече еврокомесарот.

„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Вархеји во обраќањето кое целосно е објавено на официјалната веб страница на Европската унија.