Албанија и Грција решавањето на спорот околу морската граница го предаваат на меѓународен суд

13

Албанија и Грција вчера соопштија дека се договориле решавањето на својот спор околу границата во Јонско Море да му го препуштат на Меѓународниот суд на правдата.

Заедничката одлука беше објавена за време на посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас на Тирана.

„Се сложивме да го проследиме овој случај на Меѓународниот суд“, кажа Дендијас по состанокот со албанскиот премиер Еди Рама.

Рама кажа дека препуштањето на спорот на судот во Хаг значи дека ќе се поврзе стручноста на тој суд и одредбата на меѓународното право на морето.

Во ек на високи тензии со Турција околу правото за барање енергенси во источното Средоземно Море, Грција неодамна го интензивираше одредувањето на своите поморски граници и со другите соседни земји и потпиша договори со Италија и Египет.

Тирана и Атина потпишаа договор за дефинирање на поморската граница и го парафираа во 2009 година кога во Албанија на власт беше Демократската партија, сега во опозиција.

Социјалистите на Рама кои тогаш беа во опозиција тој договор го оспорија на суд, тврдејќи дека со него Албанија би изгубила 225 квадратни километри од територијалните води.

Албанскиот уставен суд го поништи договорот девет месеци подоцна, прогласувајќи го за неуставен.

„За тоа прашање нема да одлучуваме ни ние, ни грчката страна, туку меѓународниот суд, и така ќе се фокусираме на нашата економска и регионална соработка“, кажа Рама.

Иако Грција, членка на ЕУ, долго ја поддржува Албанија во нејзиниот обид да стане членка на Унијата, односите им се повремено тензични, главно поради малцинските права на двете страни, а еден од изворите на тензиите беше и поништувањето на договорот за Јонско Море во 2009.

Дендијас кажа дека Грција официјално ќе ја укине воената состојба меѓу двете земји, која е во сила уште од Втората светска војна, кога фашистичките италијански сили упаѓале во Грција преку Албанија.

Владите во Тирана и Атина кажаа дека грчкото малцинство во Албанија и големата албанска заедница во Грција, кои таму емигрирале по падот на комунизмот, се мостови што ги поврзуваат двете земји.