Албанија конечно може да здивне, тлото почна да се смирува (ВИДЕО)

7

Тлото на Албанија вчера, четири дена по катастрофалниот земјотрес, проследен со 1.000 средни и слаби потреси, конечно почна да се смирува.

Сеизмологот Едмонд Нуши од албанскиот Институт за геологија вели дека последователните земјотреси стануваат сè поретки.

Според него, целокупната сеизмичка активност оди кон смирување.

Во катастрофалниот земјотрес што во вторникот погоди делови од Албанија загинаа 49 лица, додека повеќе од 750 беа повредени.

Албанскиот премиер Еди Рама вчера најави дека домашни и странски експерти ќе почнат со процена на штетите.

Тој на вонредната владина седница исто така рече дека досега се донирани пет милиони евра и повеќе од еден милион долари помош на загрозените од земјотресот, но и дека тоа не е конечната сума.

Рама најави дека шаторите поставени во Тумане и Лач ќе бидат отстранети, а семејствата сместени во хотели.

Сепак, жителите на околните села не сакаат да одат во хотели бидејќи, како што рече Рама, сакаат да останат во шаторите за да се грижат за своите стада.

Рама потврди дека досега официјалната бројка на загинати е 49 лица, меѓу кои и деца. Според него, во округот Тирана 3.480 луѓе останале бездомници. Во Драч се регистрирани 701 оштетен објект, рече Рама, од кои 12 биле целосно уништени, а 176 оштетени.

Во Тирана 15 згради се целосно уништени, 239 се оштетени, а осум згради не се во употреба. Владата дополнително прогласи вонредна состојба и во градот Лач, кој, како што се испостави, исто така е тешко оштетен во силниот земјотрес од 26 ноември.