Албанија: 2023 изборна година, политички дуел меѓу социјалистите и демократите

8

 

Во Албанија, настан кој ќе ја одбележи годинава во која зачекоривме, е секако одржувањето на локалните избори, што се сметаат за „политички дуел“ за рејтингот на двете најголеми партии, владејачката Социјалистичка и опозициската Демократска партија, која минува, до сега најдлабоката внатрепартиска криза.

На последните избори пред четири години, од 61 општина дури 60 градоначалници станаа кандидатите на Социјалистичката партија, а само во општина Финиќ од грчката партија МЕГА. Минатата година во шест општини беа одржани предвремени избори, при што во пет повторно победија социјалистите а во една, Скадар, кандидат на крилото на демократите предводени од Сали Бериша. Тој настапи под логото на Движењето за социјалистичка интеграција, сегашна Партија на слободата, чиј лидер е Илир Мета. Бериша и Мета веќе потпишаа договор за заеднички настап на изборите.

По избортие во 2019 година, ПС контролира речиси 100 отсто од општините во земјата, како никогаш досега. Ова секако „благодарение“ на одлуката бојкот што ја даде тогашниот лидер на демократите Љуљзим Баша во 2019 година а ја поддржаа и други партии, кои беа дел од обединетата опозиција.

За да го задржат приматот на локално ниво социјалистите на 14 мај ги чека тешко соочување со опозицијата, колку и да е поделена.

Лидерот на ПС, Еди Рама, ја потврди повторната кандидатура на неколку градоначалници, додека останатите кандидати ќе ги утврдува преку анкети. Во седиштето на ПД, Сали Бериша ги објави кандидатите преку процес наречен „примарен“, односно утврдени на спроведено гласање на членството во секоја општина.

Групата на Енкелејд Алибеај, кој е вршител на должноста претседател на ПД, по оставката на Баша, најави учество во изборната трка одделно од другите демократи.

Но, пред датумот на изборите, демократите чекаат уште една важна одлука. Од судот тие бараат да пресече кој ќе биде нивниот претседател, Бериша, Баша или Алибеај и кој ќе го користи печатот за регистрирање на партијата за изборите, во Централната изборна комисија (ЦИК).

За бришење на Љуљзим Баша од претседателската функција по неговата оставка, по неколку одложувања, судот одлука треба да донесе на 1 март, на само 5 дена пред истекот на рокот за регистрација на партиите во ЦИК. Доколку до 6 март ПД нема лидер кој го потпишува овој документ, партијата не може да се пријави на избори.

Судот во Тирана речиси една година не дава конечен одговор на прашањето кој е претседател на Демократската партија. Во моментов Собранието официјално го признава Енкелејд Алибеај, додека ЦИК работи со потписот на Баша, кој поднесе оставка на 21 март минатата година.

Во однос на роковите за изборите на 14 мај, според претседателот на ЦИК, Илирјан Целибаши, на 13 јануари е крајниот рок до кога јавните институции треба да се пријават за јавната активност, 6 март е крајниот рок за пријавување на политичките партии, 27 март е крајниот рок за доставување кандидатски листи, 14 април почнува изборната кампања, 8 мај завршува рокот за објавување анкети, 13 мај завршува изборната кампања и почнува изборниот молк.