Албин Курти во официјална посета на Албанија

27

Двајцата премиери Албин Курти и Еди Рама не се согласуваат околу балканскиот Мини шенген. Спротивните ставови беа кажани на заедничката конференција во Тирана, за време на првата посета на Курти како косовски премиер.

Сепак, Рама и Курти се согласија за нешто. Формирање на меѓудржавна комисија за разгледување за спроведувањето на договорите што досега беа потпишани меѓу двете држави. Курти рече дека неговата желба е земјите да имаат силен почеток на соработката и дека треба да бидат една за друга приоритет, без да губат време.

„Ние сакаме да ја зголемиме соработката, да ја зголемиме координацијата преку продлабочување и проширување на истата. Особено сакаме да соработуваме во економски, образовен, безбедносен и надворешен аспект”, изјави Курти.

„Точно е дека ни треба забрзување, нова брзина. Албин го нарекува нов почеток, тој е нов на должноста, но неопходна е нова брзина затоа што имаме многу договори, еден дел оделе добро, а друг дел не”, рече Рама.

Курти се сретна и со лидерот на опозицијата, Љулзим Баша. Тој вети дека владата на Курти може да се потпре на албанската опозиција за да ги постигне своите цели.

„Ќе сториме сè за слободната трговија, за слободната интеграција на Албанија и Косово. Да им дадеме можности за вработување на нашите граѓани, особено на младите. Да се запре депопулацијата што е директен производ на организираниот криминал и заробувањето на државата со организиран криминал”, изјави Лулзим Баша, лидер на ДП.

Курти се сретна и со албанскиот претседател Илир Мета и со претседателот на Собранието, Грамоз Ручи.