Алити: Шпекулација е дека се разговара за влез на Алијанса во Владата

0

Министерот за информатичко општество и потпретседател на Алтернатива, Адмирим Алити тврди дека не разговарале со Алијанса за Албанците за влез на опозициската партија во Владата, прашан дали за нив е прифатлив влезот на Алијанса за Албанците во Владата и дали се водат разговори за поделба на ресори. Според него сите, сите дискусии кои се водат се шпекулации, а тој и Министерството не се занимаваат со тоа.

Алити вели дека сите вести и дискусии поврзани со оваа тема се шпекулации и додаде дека, е важно реформите да течат, дури и на неговото место да треба да дојде нов министер.

– Сите овие вести и дискусии сега за сега се шпекулации, но јас и МИОА не се занимаваме со тоа. Дури и за месец дена да треба да дојде нов министер, ние ќе се обидеме до последен ден работата да ја извршуваме најпрофесионално што можеме. Не е важно кој ќе биде министер, важно е реформите да течат, односно да одиме напред – изјави Алити.

Министерството за информатичко општество е меѓу ресорите кои неофицијално се во игра да ги добие Алијанса за Албанците доколку стане дел од владејачкото мнозинство.  Како што веќе објави „Слободен печат“ на Алијанса ќе и бидат понудени две или три комбинации на ресори ако премиерот Димитар Ковачевски и в.д претседателот на Алијанса Арбен Таравари ги усогласат програмските принципи за влез на таа партија во Владата. СДСМ и ДУИ сметаат дека трите владини партнери треба да отстапат по еден ресор за АА да стане дел од власта, на што отворено се спротивстави Алтернатива.