Али Ахмети на распит за „Попис“

32

Али Ахмети е осомничен во истрагата за пропаднатиот попис во 2011 година заедно со Никола Груевски. Кога СЈО го презентираше случајот пред повеќе од две години наведе дека двајцата лидери се договориле да го прекинат пописот за да ги скријат неповолните факти за демографската и економската состојба

Во земјава последниот попис беше спроведен во 2002 година. Во анализа која месецов ја објави порталот ЕВБ беше посочено дека Северна Македонија е една од двете земји во Европа кои немале попис во последните 10 години

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска треба да се појави во зградата на поранешното СЈО, на распит за случајот „Попис“, каде тој заедно со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, се осомничени за пропаѓањето на пописот во 2011 година.

Овој случај, по преземањето на предметите од редовните обвинителства лани во септември, сега е во рацете на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но обвинителите од СЈО останаа надлежни во истрагите.

Засега нема официјални информации во која фаза е истрагата. Од обвинителството кратко одговараат дека се постапува во предметот.

Истрагата е отворена пред повеќе од две години. СЈО соопшти дека ја отвора на 21 март 2018 година и според тогаш презентираното, Ахмети и Груевски се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања.

„Постои основано сомнение дека како владејачка коалиција со цел да го скријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги скријат неповолните факти за демографската и економската состојба, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население, осомничените помеѓу 10 и 11 октомври 2011 година се договориле да го стопираат пописот“,

рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 21 март 2018.
Од прислушуваните разговори, рече таа, произлегло дека двајцата лидери се договориле причините за пропаѓањето на пописот во јавноста да ги прикажат дека се од техничка природа и поради некадарноста на Државната пописна комисија и Државниот завод за статистика.

Со тоа што пропаднал пописот, проценките на СЈО беа дека е нанесена штета на буџетот од над 175 милиони денари.