Али Ахмети повикан да се јави во Хаг како еден од основачите на ОВК

7

Лидерот на ДУИ Али Ахмети објави на Фејсбук дека е повикан од Специјалното обвинителство на Косово да сведочи во Специјалниот суд за Косово во Хаг, Холандија. Тој вели дека е повикан да сведочи како еден од основачите на ОВК и член на Генералштабот и дека ја прифатил поканата без двоумење.

„Владеењето на правото и постигнувањето вистинска неселективна правда, домашна и меѓународна, се моја постојана цел и обврска во текот на целата моја активност. Затоа ве известувам дека Специјалното обвинителство на Косово ме покани да сведочам како еден од основачите на ОВК и член на Генералштабот. Без двоумење ја прифатив поканата и остварив конструктивен контакт и соработка со официјални лица во Хаг. Отсекогаш сум се залагал за неселективна правда и им стојам на располагање на правосудните органи како сведок на ослободителната војна на албанскиот народ против геноцидот на српскиот режим на Милошевиќ“, напиша Ахмети на Фејсбук

Минатата недела во Хаг три дена даваше исказ претседателот на Косово Хашим Тачи за неговата улога во војната на Косово во 1999 година, откако минатиот месец Специјалното обвинителство на Косово го обвини за воени злосторства.